Сподели

Интернет порталот “Дестинација Делчево” е плод на повеќегодишна желба за претставување на една од најубавите општина во Република Македонија пред пошироката интернет заедница. Љубовта кон сопственото парче земја и родно огниште си го направи своето. Овој дел од светот под најубавото ѕвездено небо, оваа порта на сонцето низ која првите негови зраци ја галат Македонија, секое утро, претставува неразрешена мистерија, непронајдено богатство, бескрајна убавина и непресушна инспирација.

Со секој нов ден се поубав од претходниот, со свежина во духот, за целосно откровение на суштинските вредности во животот, ова магично жарче на копнеж кое влева силна енергија во телото и разумот на сопствениот народ, неприкосновено стои на браникот на динамичните современи трендови и процеси, кои задолжително свое гнездо наоѓаат и во Делчево.

Срцето на Пијанец, воздишка за навек на секој добронамерник кој ќе ги погледне мрзливите плеќи на оваа рељефна целина, исткаена и проникната со богатството на живот во негова вистинска смисла на зборот.

Само едно место на светот се нарекува дом…

А Делчево е дом за сите… Оние што доаѓаат, оние што заминуваат… А најмногу за оние кои живеат тука.