Делчево ја славеше традицијата на 31. „Голачки фолклорни средби“: Фолклорот ги руши границите и ги поврзува народите
Делчево синоќа беше во знакот на фолклорот, традицијата и културното наследство, со одржувањето на 31. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби“. Пред многубројната публика на летната сцена во центарот на градот, настапија фолклорни ансамбли од Македонија, Србија и Бугарија, а фестивалот беше збогатен и со присуството на гости од Италија.
Отворајќи го фестивалот, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека преку песната, играта, традиционалните носии и народните обичаи, „Голачките фолклорни средби“ повеќе од три децении создаваат мостови меѓу луѓето и народите.
„Вечерва Делчево раскажува приказна за фолклорот. Сјае нашето Делчево со боите на фолклорот од Балканот. Ороводните чекори и традиционалните носии како белег на идентитетот на секој народ вечерва ги рушат границите и зборуваат на еден јазик – традиција, култура, почит и достоинство“, порача Гоцевски.
Градоначалникот им посака добредојде на учесниците од Македонија, Србија и Бугарија, како и на италијанските гости – градоначалниците на Новело, Монфорте и Родино – Паларо, Џенезио и Андриано. Посебна благодарност упати и до домаќинот на фестивалот, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, предводен од директорот Златко Начовски.

Фестивалот годинава во центарот на Делчево
„Голачките фолклорни средби“ оваа година не се одржуваат на традиционалната локација покрај манастирот „Св. Пантелејмон“ и на врвот Чавка на Голак, каде што фестивалот се одржува повеќе од три децении.
Причината, како што посочи Гоцевски, е превентивна и е поврзана со мерките за заштита од шумски пожари.
„Не смееме да дозволиме и најмало невнимание да ни ја пеплоса шумата која е наша гордост. Во чест на традицијата, вечерва фолклорот го славиме во Делчево“, истакна градоначалникот.

Културата како темел на идентитетот
Во своето обраќање Гоцевски посебно се осврна на значењето на фолклорот како жива врска со минатото и како дел од културниот идентитет на македонскиот народ.
Според него, традицијата не е само сеќавање на минатото, туку жива сила која ги поврзува генерациите и создава мостови на пријателство меѓу народите.
„Културата е душата на народот, темелот на нашиот идентитет. Таа не е само спомен на минатото, туку жива сила што го гради нашиот идентитет, ги поврзува генерациите и гради мостови на пријателство меѓу народите“, порача Гоцевски.
Тој нагласи дека Општина Делчево има обврска да го надградува културното наследство создавано од генерации културни дејци и уметници, со истовремено создавање простор за новите генерации автори и уметници.

Брегалничкиот регион и наследството на светите Кирил и Методиј
Значаен дел од говорот градоначалникот посвети и на историското и културното значење на Брегалничкиот регион, особено на поврзаноста на Делчево со традицијата на светите сесловенски просветители Кирил и Методиј.
Гоцевски потсети на Брегалничката мисија и на историските претпоставки според кои овој регион можеби бил едно од значајните средишта на раната словенска христијанска и писмена традиција.
Притоа, тој упати повик до историчарите, археолозите и научната јавност да ги истражат индициите поврзани со локалитетот кај Разловци, во месноста Грамада во Горно Поле, кој според одредени претпоставки би можел да се поврзе со стариот град Равен.
„Науката сè уште не одговорила, но ние како жители кои живееме во горниот дел на Брегалница имаме право да веруваме дека значајната мисија во која се родила првата словенска азбука – Глаголицата – се наоѓала тука, во овој регион“, истакна градоначалникот.
Тој порача дека истражувањето на ваквите историски индиции може да отвори нови научни сознанија, но и дополнително да го афирмира културно-историското наследство на Делчево и Пијанечкиот регион.

Околу 50 културни настани во годишната програма
Гоцевски ја претстави и определбата на локалната самоуправа културата да биде еден од приоритетите во развојот на Делчево.
Како што посочи, во годишната Програма за култура се предвидени околу 50 поголеми културни настани, кои покрај фолклорот и традицијата опфаќаат современа и класична уметност, визуелни уметности и поддршка на млади автори.
Општината, како што беше нагласено, работи и на создавање услови за дејствување на културно-уметничките друштва и граѓанските организации од областа на културата, како и на развивање партнерства со културните институции, меѓу кои НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и ЈЛБ „Илинден“, како и со Министерството за култура и туризам.
Посебен акцент беше ставен на „Копачката“, македонското нематеријално културно наследство запишано на листата на УНЕСКО, кое Делчево го промовира како еден од своите најзначајни културни брендови.
Културата како дел од туристичката понуда
Една од пораките од обраќањето беше и дека културните настани треба да станат составен дел од туристичката понуда на Делчево.
„Со сите актери од областа на културата, Општина Делчево гради бренд со заеднички именител – Делчево да биде посакувана туристичка дестинација“, истакна Гоцевски.
Тој упати апел до граѓаните да ги посетуваат културните настани и да ја поддржуваат работата на културните работници, уметниците и авторите, нагласувајќи дека вложувањето во културата е вложување во иднината.
„Инвестициите во културата се инвестиции во иднината. Вложуваме максимални напори да ја воздигнеме оваа дејност на највисоко ниво и да покажеме дека Делчево знае и може да организира настани од светски рамки“, порача градоначалникот.

„Голачките фолклорни средби“ – дел од „Делчевско свежо лето“
- издание на „Голачките фолклорни средби“ годинава е дел од пошироката културна програма „Делчевско свежо лето“, со која Делчево во летниот период нуди низа културни и забавни содржини за посетители од различни генерации.
Фестивалот и годинава ја потврди својата улога како една од најзначајните манифестации за зачувување и афирмација на фолклорното наследство, но и како простор за културна размена и воспоставување пријателства меѓу учесниците од различни земји.
Со настапите на фолклорните ансамбли и со многубројната публика на летната сцена, Делчево уште еднаш покажа дека традицијата може да биде не само чувар на минатото, туку и силен поттик за современиот културен и туристички развој на градот.
„Голачките фолклорни средби“, по 31 пат, така ја продолжуваат приказната започната на Голак – приказна во која песната, играта и традицијата ги надминуваат границите и ги поврзуваат луѓето.











