Сподели

Градската црква “Пресвета Богородица” со нејзината монументална духовност и централното градско подрачје во Делчево околу реката Брегалница како со децении наназад и овој 19 јануари ќе бидат средиште на исклучително важен и моќен масовен јавен настан кој што ќе ги обедини сите верници во слава на нашиот Господ Бог и Светиот Дух.

Со молитва и Божјата милост пренесена преку светото евангелие свештените лица при делчевско-каменичката епархија под водство на Епископот Марко, ќе ги осветат водите на реката Брегалница а со тоа и битијата на секој граѓанин кој што ќе го измие своето тело во осветените води на реката Брегалница.

Чествувањето на празникот ќе започне во раните утриски часови со почеток во 08.00 часот со Света водокрсна литургија во градската црква во Делчево со која ќе чиноначалствува Епископот делчевско-каменички Марко, по што светиот крст ќе биде пренесен со празнична литија на мостот во центарот на Делчево од каде што ќе биде положен во водите на реката Брегалница.

Веќе се пријавени голем број претежно помлади граѓани кои околу 11.00 часот ќе влезат во студената вода на реката за да се обидат да бидат чесен фаќач на светиот крст кој што во себе ја носи големината на светото крштение од најдамнешни времиња кога Св. Јован го крсти нашиот спасител и Бог Исус Христос во водата на реката Јордан.

Со почеток во 11.30 часот во центарот на Делчево за сите присутни предвиден е мал музички хепенинг со служење на домашно греано вино од локални производители.

Од кабинетот на Градоначалникот на општина Делчево го најавуваат присуството на Градоначалникот Гоцевски на чествувањето на Водици, кој што по повод празникот во својот кабинет во просториите на општна Делчево ќе реализира прием на значајни интелектуалци по потекло од Делчево кои што се исклучително активни во рамки на своите професионални ангажмани, во државата и во странство а кои што можат да допринесат за промоција, афирмација и иден развој на општина Делчево во рамки на својот делокруг на работа.

Овогодинешното чествување на Св. Богојавление- Водици се реализира од страна на делчевско-каменичката епископија во соработка со општина Делчево и општествено одговорни компании, а градоначалникот на општина Длечево ќе додели вредносен ваучер на чесниот фаќач на светиот крст во водите на реката Брегалница во цетарот на Делчево

По традиција вакви настани во чест на празникот се организираат во повеќе населени места во општината Делчево по течението на реката Брегалница.

Во понеделникот во чест на празникот е неработен ден, што е одлична можност за сите добронамерници од државата и од странство да го посетат Делчево и да бидат дел од многувековната традиција која силно го осветлува светот со своите вредности и значење и да уживаат во исклучително квалитетната локална кујна, специјалитети и гостопримлив дух на делчевчани.