Легендата за Илин Камен
Во непосредна близина на грандиозниот споменик на природата Илин Камен во атарот на село Ѕвегор некогаш се наоѓа богата и раскошна црква Св. Ѓорѓи. Најмногу народ кај оваа црква се собирал на празникот Ѓурѓовден посветен на Св, Ѓорѓи на 6 мај секоја година. Тогаш црквата Св. Ѓорѓи ја посетувале не само жителите на селото Ѕвегор, туку и голем број посетители од околните села. Покрај молитвата и тропотот на кандилото, народот овде доаѓал и да се извиди и да се провесели.
Зборуваме за период на владеењето на султанот Мехмед IV кој владеел со Отоманската империја помеѓу 1648 и 1687 година, што го чини втор по времетраењето на неговото владеење со Отоманското царство веднаш по султанот Сулејман Величествениот.

Во времето на владеењето на Мехмед IV црквата била уништена до темел.
Но и покрај нејзиното уривање, остатоци од оваа црква на самата локација се наоѓаат и ден денес. Местото каде оваа црква некогаш била средиште на богат духовен и културен живот денес се нарекува Ѓурѓова црква.
За време на големите народни собири во налетот на пролетното будење на раскошната природа во чии што пазуви била сместена црквата Св. Ѓорѓи голем број млади девојки и момчиња биле дел од општонародниот собир. Младите девојки и момчиња доаѓале да бидат видени, да пратат ишарет кон оние по кои им се разигрувале срцата.
На еден таков собир се појавиле група на млади заптии предводени од нивниот заповедник. Почнале со малтретирање на присутните при што се обиделе да грабнат неколку млади девојки.
Од сите девојки најмногу по својата убавина се издвојувала младата мома Илина (Илинка) која живеела во селото Горни Ѕвегор. Таа имала убаво нежно бело лице со долга руса коса исплетена во две плетенки. Традиционалната народна носија која ја носела во чест на празникот ја чинела уште поубава. На вратот носела ѓердан на кој биле наредени златници и сребреници кој на крајот завршувал со преубав крст а околу витката поливина носела колан со монистра закопчан со две токи.
Кога ја видел заповеникот останал скаменет од нејзината убавина и ведна решил да ја плени за неговиот харем. Со самиот обид да ја допре, настанала голема мешаница во која први скокнале браќата на Илина и нејзините најблиски а потоа и сите присутни. Заптиите со нивните сабји почнале да маваат по народот кој што пружал силен отпор. Илина не била само убава туку и многу силна.. Успеала да се отргне од канџите на заповедникот и се дала во бегство и тоа по најстрмниот дел од клисурата над Ѕвегорска река. Турците веднаш почнале со потера по Илина со помош на нивните разбеснетеи кучиња. Успеале да ја обкружат на една од околните карпи.
Немоќна да избега Илина клекнала на колена ги споила дланките за молитва и се помолила на Господ- Бог:
“Господи, претвори ме во камен, само не ме давај во рацете на неверниците”.
Легендата која до ден денес ја разкажуваат ѕвегорци на секој посетител на нивнот село вели дека Бог ја слушнал молитвата на преубавата Илина и ја исполнил нејзината молба.
Илина станала камен.
Сведоци на Божјата промисла заптиите се уплашиле и се разбегале, и до ден денес турците го избегнуваат ова место.
После извесно време помеѓу народот се проширили верувањето дека самиот Илин Камен носи исцелителни моќи за младите жени кои што не можат да зачнат деца. Па така Илин Камен пополека станал место кое го посетуваат голем број млади за среќа и бериќет, молејки се на Божјата мајка и Господ Исус Христос. Самоит обред кој што го практикуваат посетителите се состои во тоа што пред изгрејсонце доаѓаат кај самиот Илин Камен, се протнуваат низ отворот3 пати во насока на часовата стрелка. Потоа го даруваат каменот со дарови и се упатуваат да се напијат од светата вода за која се верува дека се појавила од солзите на несреќната Илина во моментот на скаменувањето. Пиејки од изворот го чекаат сонцето да се појави со својата топлина да го огрее лицето на идната мајка, која во себе ќе го износи чудото на момата Илина.

ДЕСТИНАЦИЈА ДЕЛЧЕВО © Сите права се запазени
– Контакт оддел за соработка – Маркетинг – Прати вест –
