Инвестиција на Министерството за транспорт: Смена на стари дотраени водоводни цевки во Старо Делчево
Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски го потпиша Договорот за финансирање на проектот за реконструкција на водоводната мрежа во Старо Делчево.
Реализацијата на овој проект е од суштинско значење за жителите на населбите 1,2 и 3‑ти реон кои што имаат проблеми во снабдувањето на нивните домови со задоволителен квантитет и квалитет на вода за пиење.
“Денес го потпишав договорот за реконструкција на водоводната мрежа во Старо Делчево – значаен чекор кон подобрување на водоснабдувањето и условите за живот на жителите во овој дел од градот.
Вредноста на договорот изнесува 890.608 денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од Министерството за транспорт, со финансиско учество на Општина Делчево.
Изведувач на работите е „ВОД-ВАР ИНЖЕНЕРИНГ“ од Скопје, а предвидениот рок за завршување е 30 ноември 2026 година.
Вложувањето во водоводната инфраструктура е вложување во основните потреби на граѓаните. Со оваа реконструкција работиме на подобра и посигурна мрежа, затоа што квалитетното водоснабдување е неопходно за секое домаќинство.
Продолжуваме посветено да работиме на проекти што носат конкретни подобрувања во секојдневието на нашите сограѓани. Чекор по чекор, го унапредуваме секој дел од нашето Делчево!”
-напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски.
