
Сепак фрлам поглед онаму, кон прекрасниот зелено-сивкаст зенит. Онаму каде моите коски се хранеа. Онаму каде каменот е потежок од бетонот, воздухот полесен од рамнодушната сина во облачните ткаенини, сонот поголемо јаве од сегашната трезност.
Игнорирајќи го проредот на моите и стапките на моите сограѓани, избледе и можноста за траги, во зрела целина и расеаната кроткост прерасна во кубистички распрскан блесок. Не сакам да го негирам сето она што ме хранеше, не сакам ни малку да помислам на отфрлање на моето гнездо каде спијат моите први спомени, не успевам да ја препознаам поентата во отуѓувањето на тамошното бидување. Уште помалку го вреднувам успехот во пронаоѓањето на убавината во “другото дома”, наспроти силната потреба од забележителен прогрес, којатргнала од таму, а би застанала некаде. Веќе долго време се обидувам да ги спојам двете паралели кои ми го нуделе суштинското живеење, за жал сеуште неуспешно, од причини многу, меѓу кои ладнокрвно би издвоила една која ја носи со себе цената на очигледната разлика. Раниот пресврт ме однесе таму, каде и го запознав мирот, убавината на топлиот дом и шареното секојдневие. Кога би тргнала од аголот каде лежи позитивата на животот во Делчево, сигурно би се движела дијагонално кон спротивноста која ја носи животот во градот каде студирам, и обратно. Но дали и колку е сериозен проблемот на таквите споредби? Сигурно е една од сериозните споредби, но не би рекла дека е една и од клучните.

Ако искреноста треба да замени еден колаж, многу коректна постапка е да првичните скици бидат олицетворение на еден суштински реализам, без разлика на нивната сложеност односно едноставност. Да умееш да живееш онаму каде правилното нема допирна точка со неправилното, каде ударот не е повеќе болен од возвратениот, каде поддршката и нејзиниот противник играат шах во библиотека, моралното го губи сјајот но не и својот квалитет, тогаш признај дека комплексноста на тамошниот живот е една едноставна “теретана”. Не можам своето искуство да го наречам необично, напротив, обичниот пристап укажува на една сеуште задржана нормала која или го корегира животниот прогрес или придава минимално значење на една смирена бучава таму и сега, под небото – над тоа парче земја.

Можеби и не се потребни зборови, кој би знаел? Можеби молкот би бил само “паметно” оправдување на убавината на еден духовен луксуз. Не, не мора да значи, воопшто, а и зошто би значело? Зошто е тема? Зошто е прашање, и зошто одговорот е неколку планини потежок? Каде живееш и зошто тоа е твој дом? Зошто туѓина? Да, едноставни прашања, но зошто едноставни? Стремеж со прст вперен во очите на подоброто утре? Итање? Кал или песок? Што мислиш, би избрал? Дали воопшто тоа го сметаш за избор? Не бираш, знам, ти газиш. “ Тоа е, што да правимe” е површината на брановите. Проблем е што ни дното ни површината не се гледаат. Проблем е што борбата за излегување на површина е силна потреба, но но е повеќе вкусна односно лесна од гушењето и бревтањето до самото дно. Остануваш? Да! – Одлично, заедно сме. Знаеш, не можам сам. — Како мислиш, не можеш сам? — Не би тонел сам!… Се прашувам, зошто баш тоа поднебје пушти крик во 1876 година, ги извади своите канџи во името на слободата, и искрвари? Зошто толкава храброст? Зошто сега молк за парче леб? Ја добивме слободата, зарем сега лебот е на ред?

Но еве, се насмевнуваат годините, можеби наѕираат искршени заби, но барем има насмевка. Можеби капутот е произведен во времето на Југославија, но барем е “закрпен”. И чевлите се стари, дали тоа е сериозен проблем? Не е, служат сеуште. Што остана? Речиси се, освен тоа што не останало. Да, на тоа мислам цело време. Далеку од хоризонтот, сеуште гори свеќата на надежната младина. Се прашувам, дали има потреба од виновен? Не, како што одминуваат годините, лицата на виновните избледуваат, стареат, брчките повеќе од јасно им се исцртуваат, и ако веќе староста победува, тогаш би немало потреба од потрага по таквите. Младоста е тука, да доврши или со неколку монети купи ново перо и мастило и почне шрктање на нов лист. Веќе монотоната објективност го засени раскошот на субјектот, и тоа е факт. Многу субјекти заедно би можеле да изградат совршено уреден хаос. Хаос каде конечно животот ќе пушти чекор понапред од претходниот таканаречен “ борба за леб” . Всушност, се се сведува на тоа.

Школувањето и потребата односно нужноста од социјализација се само едни од клучните фактори кои имаат некое директно влијание врз “бегството на младите” , меѓу кои сум и јас. Кога јас би била прашана, со голема страст ќе потврдам дека сакам да отидам и подалеку, вон границите на Македонија. И кога јас би била прашана, со потполна сигурност би одговорила дека не го сакам сивото небо кое го краси градот каде студирам, уште помалку го сакам значењето на штоперицата и стресот кој тоа го носи, и дека студирам тука бидејќи немам финансии за подалеку, но и дека, доколку би постоела ликовна академија во Делчево, радо би студирала таму. Знам дека не сум единствена кога станува збор за тоа, и токму тоа ме радува и во исто време растревожува при помислата дека мојот убав, мал и мирен град се празни со секое постепено исчекорување на младите, надвор од неговите прегратки. Го сакам Делчево, радо би се вратила, посекако земајќи го во предвид неговото исчекорување напред, кое треба позитивно да резултира.
