Солистичкиот концерт на сопрано вокалот Марија Ѓорѓиевска во пијано придружба на младата Тамара Коминовска предизвика солидно внимание кај делчевчани
Во прекрасна атмосфера и пред љубителите на класичната музика, во петокот (09.10.2026 година) во фоајето на Спомен Дом АСНОМ – Делчево се одржа солистичкиот концерт „Гласот на романтизмот“.
Концертот беше прекрасна можност за префинетиот вкус на љубителите на класичната музика во Делчево да бидат дел од овој несекојдневен настан кој понуди огромна инспирација и звучен раскош за сетилата на приситните.
Сопранистката Марија Ѓорѓиевска, придружувана од пијанистката Тамара Коминовска, приредија музичка вечер исполнета со емоции, раскошни вокални интерпретации и безвременската убавина на романтичарската музика.
Публиката имаше можност да ужива во врвните музички изведби, кои уште еднаш ја потврдија моќта на музиката да допре до срцата и да создаде незаборавни моменти.
НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево упатува искрена благодарност до уметниците и публиката за прекрасната музичка вечер.
Проектот беше финансиран од Министерството за култура и туризам во рамки на годишната програма на проекти од национален интерес за 2026 година.
