Општина Делчево започна со манифестацијата за одбележување на 150 годишнината од Разловечкото востание- “Искра за вечна слобода на македонскиот народ”
Во чест на 150-годишнината на Разловечкото востание, Општина Делчево со низа текстови и историски податоци црпени од извори и објавена литература, ќе ве потсети и информира за животот во Разловци во 19 век под Османлиското царство, за приликите, подготовките и самото Востание и неговото значење, но и за аманетот што го испраќа првото вооружено востание дигнато против ропството за слобода, со сопствени сили и средства во предилинденскиот период во Македониј
Сокриено како гнездо во најгорниот дел на Горно Поле со надвиснати куќи една над друга распоредени по падините на Голак и Загазо, од левата страна на Брегалница со лицето свртено кон изгрејсонцето и Бајаз Тепе, на надморска височина од 707 м, го живее својот нов ден, востаничкото Разловци.
Годинава се книжат 150 години од првото вооружено востание во Македонија, Разловечкото востание, дигнато со оружје набавено со сопствени средства од жителите организирано со сопствени сили и локални жители. Разловечкото востание е симбол на македонската борба за слобода, запишан со црвени букви во предилинденскиот период на Македонија. Востанието ги најавува подоцнежните востанија за ослободување и создавање на македонската држава.
На околниот рид од Загазо, што се надвиснал над куќите, гордо стои издигна годината 1876, како заштитник на денешното село, но и споменик на минатото што ја промени перцепцијата на Македонецот во борбата за слобода. Како искра кој го запали фитилот на долговековната желба за слободна држава, Востанието е почеток на борбата за слобода и своја држава.
Денес, жителите се горди потомци на храбрите востаници. Сведоците на бурното време веќе одамна ги нема, но сѐ уште се живи приказните раскажувани од колено на колено за настаните кои му претходеле на Востанието, но и на крвавиот период по него. За жал, нема многу пишани сведоштва за Востанието, но затоа тука е монографијата за Разловци од нашиот Димитар Узунски кој успеал уште во 2001 година да публикува дел од собраните сеќавања на жителите и од аспект на обичниот човек, да ги раскаже настаните и на тој начин да сочува дел од колективната меморија за Востанието.
А, во Разловци, навидум мирно и тивко село, секоја уличка, калдрма, автентичната стара архитектура која се насетува на старите и скоро распаднати куќи и секој камен, дол или секоја сенка која ја исцртува сонцето, како да ја носат пораката од дамнина и повикот на поп Стојан, кога го запалиле турскиот полјак Алиман со се куќата, каде што се криел: „Нека изгори това куче! Иди ти сега запали ја мојата кашта. Оти, кога се води борба за ослободување, за слобода не се жали што се пали!“
Во пресрет на одбележувањето на големиот јубилеј 150 години од Востанието, а со цел да ја возобновиме вистината за тоа што се случувало во Разловци пред век и половина ги запишуваме овие редови. Сакаме да ве потсетиме на тешкиот живот под турското ропство, на страдањата на луѓето, на желбата за борба за слобода, на храброста и одлучноста на поп Стојан, Димитар Беровски и нивните приврзанци. Трагајќи по целта, користиме материјали од монографијата на „Разловци“ од Димитар Узунски и од „Пијанечката Република“ од Благој Стоичовски.
Извор: Општина Делчево
