
Со достојни почести вработените на ООУ “Св. Климент Охридски” Делчево го одбележаа својот патронен празник посветен на големиот просветител чие што име го носи делчевското основно училиште.
Пред бистата на Св. Климент Охридски поставена во дворот на училиштето делегација на менаџментот на училиштето како и останати организации во Делчево положија букети со свежо цвеќе и се поклонија пред неговите лик и дело.
Помеѓу граѓаните кои го одбележија денешниот празник и патрон на училиштето беше и градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски кој по повод овој чин упати своја порака во јавноста
“Денес, заедно со претставници од Општина Делчево, директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“, господин Димитар Видимлиски и делегација од училиштето, положивме свежо цвеќе по повод одбележувањето на празникот посветен на светителот, учителот и духовниот патрон – Свети Климент Охридски.
Св. Климент е симбол на знаењето, создавател на писменоста и темел на нашето културно и духовно наследство. Неговото дело е вградено во темелите на нашата традиција, а неговата мисија продолжува да живее преку генерациите ученици кои учат, растат и создаваат во училиштето што го носи неговото име.
На сите ученици, наставници и вработени во училиштето им го честитам празникот со желба за многу успех, знаење и достоинствено продолжување на патот што Св. Климент го трасираше за сите нас.”
-стои во соопштението упатено до јавноста од страна на градоначалникот на Делчево.
