Нова улица за село Тработивиште, замена на азбест-цементни цевки во Први реон во Делчево: Градоначалникот Гоцевски денес ги потпиша договорите за обезбедени финансии
Продолжува интензивниот бран на финансирање на инфраструктурни проекти за подобрување на живеачката за граѓаните на општина Делчево.
Денес Градонаалникот на општина Делчево ги потпиша договорите со Министерството за транспорт за финансирање на два значајни инфраструктурни проекти за две населени места.
Станува збор за финансирање на проект за целосна реконструкција на улицата “Даме Груев” во село Тработивиште со вкупен износ на обезбедени финансиски сретства од 1.134.015,00 денари со кои што ќе се реконструира горниот асфалтен слој на улицата која што од нејзината изградба до денес врз оваа улица воопшто не е вршено интервенција.
Во вториот договор кој го потпиша Градоначалникот Гоцевски станува збор за реконструкција на главна водоводна реонска цевка за населбата “Први реон” во вкупен износ на обезбедени финансии од 881.034,00 денари. Во овој проект е значајно да се напомене дека станува збор за замена на постојни азбест-цементни цевки и дислокација на линијата која моментално минува низ приватни градежни парцели.
Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски во денешната своја објава ја потенцираше важноста на овие два проекти кои што се реализираат во рамки на неговите програмски определби за обезбедување на подобар стандард за живот на сите граѓани во оптштината.
“УБАВА ВЕСТ: Жителите на село Тработивиште добиваат нова улица а жителите на населбата “Први реон” во Делчево добиваат нова водоводна мрежа. Станува збор за два засебни проекти за нашите граѓани кои што ги реализираме со поддршка на Министерството за транспорт и Владата на Република Македонија.
Во селото Тработивиште станува збор за проект кој што има особено значење затоа што обезбедува квалитетна сообраќајница за сите жители кои живеат и кои гравитираат на тој дел од селото, но и затоа што обезбедува модерен транзит кон село Разловци од јужната страна на село Тработивиште.
Проектот за Реконструкција на водоводната мрежа во Старо Делчево во зоната на Први реон овозможува целосна дислокација и замена на постојна азбест-цементна линија која што долги години беше потреба на граѓаните во овој дел од Делчево преку кој ќе обезбедиме подобра квалитет и квантитет на водата за домаќинствата во Први Реон.
Со овие два нови проекти продолжуваме со изградба на нова инфраструктура во овие две населени места во Делчево со главна цел за подобрување на стандардот за живот на сите граѓани.
Нашата главна програмска определба покрај економскиот развој на општината е со проекти од инфраструктурата да го подобруваме стандардот за живеење во сите населби подеднакво.”
-напиша на социјалните мрежи Иван Гоцевски- Градоначалник на општина Делчево во врска со потпишувањето на договорите за финансирање на овие два проекти.
