Градоначалникот на Делчево ќе ја додели наградата “7 Септември” на Денот на ослободувањето на градот на проф. д‑р Трајан Гоцевски
Советот на Општина Делчево на последната седница го потврди предлогот на Комисијата за доделување општински награди и признанија и донесе Одлука, Општинската награда „7 Септември“ за 2026 година да се додели на проф. д‑р Трајан Гоцевски за посебен придонес во научната дејност, придонес во развојот на високото образование, безбедносниот систем и македонската државност, како и афирмација на Општина Делчево во Република Македонија и во светот. Општинската награда „7 Септември“ за физичкото лице се состои од парична награда во износ од 20.000,оо денари и плакета.
Гоцевски е роден во с. Селник, Општина Делчево, а живее во Скопје. Тој е редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, носител на бројни државни и универзитетски функции, но и позиции поврзани со Делчево.
Гоцевски бил долгогодишен декан на Филозофскиот факултет и член на Ректорската управа на УКИМ, министер за одбрана во првата Влада на Република Македонија, член на Советот за безбедност, раководител на неколку научно-истражувачки проекти од национален интерес и сл. Целиот свој живот го посветил на развојот на образованието, науката, културата, но и конституирањето на Република Македонија, како независна држава, како и на развојот на македонското општество.
Автор е на 90 книги и на над 285 стручни и научни трудови, монографии и статии објавени во македонски и многубројни странски списанија. Иницијативата за добивање на наградата е поднесена по повод 76- годишнината од неговото раѓање и 50-годишнината од неговата општествена, државна, наставно-научна и публицистичка дејност, која остави неизбришливи траги во поновата македонска историја, но и во развојот на Делчево.
Плакетата и наградата ќе бидат доделени на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Делчево, 7 Септември 2026 година. Истиот ден ќе се одржи и промоција на неговата автобиографска едиција „Белешки и анализи“ – прв том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“
