Резервирајте си го терминот: Започнува манифестацијата “Денови на мојот град Делчево” секоја прва недела во месец септември
Почетокот на месец септември е резевиран за богат дијапазон на активности на општина Делчево и локалните институции посветени на најмладите и учениците.
За првпат оваа 2026 година се реализира манифестацијата “Денови на мојот град Делчево” која што започнува да се спроведува по иницијатива на Градоначалникот Иван Гоцевски, од страна на ЕЛС Делчево во соработка со локалните институции и Националната установа центар за култура Никола Јонков Вапцаров Делечво а во функција на учениците а особено оние најмладите првачињата.
Во врска со оваа манифестација Градоначалникот Иван Гоцевски упати своја порака во јавноста за сите содржини кои што ќе следуваат надерните денови:
Почитувани сограѓани,
Пред нас се денови исполнети со настани преку кои заедно ќе го одбележиме почетокот на новата учебна година, ќе им посакаме добредојде на нашите првачиња, ќе ги поддржиме младите, спортот и културата, но и достоинствено ќе го одбележиме 7 Септември – Денот на ослободувањето на Делчево.
Подготвивме богата септемвриска програма за сите генерации и затоа сакам да ве поканам да бидете дел од неа.
1 СЕПТЕМВРИ – ДЕНОТ ГО ПОСВЕТУВАМЕ НА УЧЕНИЦИТЕ И МЛАДИТЕ
Новиот месец го започнуваме со најубавиот повод – почетокот на новата учебна година.
Во 07:45 часот, во дворот на ООУ „Ванчо Прке“, ќе им посакаме добредојде на првачињата. Ќе се обрати директорот Сашко Ивановски, по што ќе следува првиот училишен час за нашите најмлади ученици.
Во 08:00 часот, во Конгресната сала на СОУ „Методи Митевски-Брицо“, ќе им посакаме добредојде на средношколците, а директорката Марина К. Синадиновски ќе им се обрати на учениците, по што ќе следува првиот училишен час за учениците од прва година.
Во 08:30 часот, во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски“, ќе бидеме со првачињата, каде што свое обраќање ќе има директорот Димитар Видимлиски, а потоа ќе започне нивниот прв училишен час.
Но, овој 1 Септември сакаме да биде нешто повеќе.
Од 09:30 часот, во Градскиот парк пред Спомен-дом АСНОМ, ќе се одржи младинскиот музичко-активистички перформанс „Мојот град – мојата иднина“.
За нашите првачиња подготвуваме „Временска капсула“, а преку активноста „Засади го своето дрвце“, секое одделение првачиња ќе засади свое дрво кое ќе расте заедно со нив.
Ќе имаме музичко-сценски перформанс, ѕид на уметнички графити создадени од учениците, промоција на лектирите за новата учебна година, штанд „Биди волонтер“ на активистите и волонтерите на ОО Црвен крст – Делчево, како и „Запознај ја традицијата“, каде што ќе се претстават фолклорни групи, друштва и поединци.
Посебно интересна ќе биде и содржината „Иднината на Делчево низ призмата на вештачката интелигенција“, која ќе ја реализираат Општина Делчево и СОУ „Методи Митевски-Брицо“.
Во реализацијата на овој ден се вклучуваат нашите училишта, Општина Делчево, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, ЈЛБ „Илинден“, Црвен крст – Делчево и наставниците.
4 СЕПТЕМВРИ – ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА
На 4 Септември, во 12:30 часот, во фоајето на Спомен-дом АСНОМ ќе биде отворена ликовната изложба на Ана Митревска, во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево.
Уште една можност да ја поддржиме уметноста и културното творештво во нашиот град.

6 СЕПТЕМВРИ – „ГОЛАК ТРЕИЛС“
На 6 Септември, Делчево ќе живее во знакот на спортот, планината и здравиот начин на живот со настанот „Голак Треилс“, во организација на ЗКПС „Голак Треилс“ – Делчево.
Настанот започнува во 08:00 часот со патеката „Калчовица“, во 09:00 часот започнува патеката „Голак Треилс“, а во 10:00 часот ќе се одржи детската трка.
Спортскиот дел ќе го заокружиме со музика – од 12:00 часот ќе следува концерт на „The Hounds“ на Летната сцена во Градскиот парк.
7 СЕПТЕМВРИ – 82 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ДЕЛЧЕВО
Централното место во септемвриската програма го има нашиот празник – 7 Септември, Денот на ослободувањето на Делчево.
Оваа година одбележуваме 82 години од ослободувањето на нашиот град.
Програмата започнува во 09:00 часот со прием на делегациите во мојот кабинет во Општина Делчево.
Во 10:00 часот, пред Споменикот на НОБ, ќе биде прочитан реферат за значењето на Народноослободителната борба 1941–1944 година, а во 10:10 часот ќе положиме свежо цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ, оддавајќи им должна почит на оние кои се избориле за слободата што ја живееме денес.
Во 10:30 часот, во салата на Спомен-дом АСНОМ, ќе се одржи Свечена седница на Советот на Општина Делчево, на која ќе се обратат претседателот на Советот, Николчо Стојменовски, и јас како градоначалник на Општина Делчево.
Во рамки на седницата ќе биде доделена и наградата „7 Септември“.
Во 11:15 часот ќе следува промоцијата на автобиографската едиција „Белешки и анализи“, прв том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“ од проф. д‑р Трајан Гоцевски, а промотор ќе биде проф. д‑р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.
По свечениот дел ќе следува коктел, а програмата продолжува во 12:30 часот со детска претстава на Летната сцена, во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“.
Од 16:00 часот, на паркингот пред Спомен-дом АСНОМ, ќе имаме уште еден атрактивен настан – Ретро Кар шоу.
Ќе следува официјално отворање, претставување на учесниците, оценување и прогласување на победниците.
Посетителите ќе имаат можност да ја проследат и воено-показната поставка на опрема и персонал на Армијата на Република Македонија.
А вечерта ја резервираме за добра македонска музика и забава.
Од 20:30 часот, на Летната сцена, ќе настапат Стојне Николова и Иван Тренчевски Бенд, а од 22:00 часот продолжуваме со забава со диџеј.
Сакам 7 Септември да биде ден кога сите заедно ќе покажеме колку го сакаме и почитуваме Делчево – неговата историја, неговите луѓе и неговата иднина.
9 СЕПТЕМВРИ – МЛАДИТЕ ОД РЕГИОНОТ СЕ ВМРЕЖУВААТ
На 9 Септември од 10:00 часот, ќе се одржи Регионална средба на младинските совети на општините Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица.
Целта е вмрежување на младите и заедничка работа на регионална стратегија на младинските совети од микрорегионот Пијанец–Малеш.
Верувам дека младите не треба само да ги слушаат одлуките за својата иднина – тие треба активно да учествуваат во нивното креирање.
10–11 СЕПТЕМВРИ – ЖИВОТНА СРЕДИНА И НОВ СКЕЈТ-ПАРК
Септемвриската програма продолжува на 10 и 11 Септември со обука посветена на значењето, заштитата и унапредувањето на животната средина.
Во рамките на овие активности ќе следува и пуштањето во употреба на новиот скејт-парк во Делчево, уште еден нов простор кој го ставаме на располагање на младите и кој треба да биде место за спорт, дружење и позитивна енергија.
Почитувани сограѓани,
Ова не е само календар на настани.
Ова е програма преку која сакаме Делчево да живее – со своите деца и млади, со спортот, културата, уметноста, традицијата, историјата и со новите идеи.
Од првиот училишен час на нашите првачиња, преку спортските и културните настани, до достоинственото чествување на 82 години од ослободувањето на Делчево – овие денови му ги посветуваме на нашиот град и на луѓето кои го прават Делчево посебно.
Ве поканувам да бидете со нас.
Да ги поддржиме нашите деца.
Да ги охрабриме младите.
Да ја негуваме културата и традицијата.
Да ја почитуваме нашата историја.
И заеднички да ја градиме иднината на Делчево.
Се гледаме на настаните!”
Напиша на социјалните мрежи Иван Гоцевски- Градоначалник на Општина Делчево во врска со оваа манифестација.
