
Утре, петок на 21 Ноември како и секоја година, на денот на Православниот верски празник „Собор на Св. Архангел Михаил“. во село Драмче ќе се одржи голем народен собор кај истоимената црква.
За денот на верскиот празник „Собор на Св. арх. Михаил“ уште од претходната година се знае кои луѓе и колку на број ќе даваат курбан.

Посетителите на курбанот како и кумовите кои даваат курбан, носат погача, баница, туршија, сирење, салати од зелка и компир и домашна сливова или џанкова ракија, како и свој прибор за главното јадење. Секој го поставува својот рачно исткаен пешкир со донесените продукти и прави така наречен колак. Тие се редат еден до друг во трпеза, но на земјата. На местото на настанот, 7‑те кумови го подготвуваат главното јадење- курбан кое е во зависност дали празникот е во посен или мрсен ден. Кога се мрси секој кум си коле по едно јагне, од кое во бакарни казани се готви манастирска манџа. Таа покрај јагнешкото месо се состои и од зеленчуци: пипер; патлиџан син и модар; моркови; кромид; ориз, сол, запршка и на крајот се додава магданос. Додека кога се пости за курбан се спрема грав (боб) по стандарден рецепт и риба, со посни салати.

Членовите на ФГ „Копачка“ од с. Драмче, Делчево се редовен посетител на овој православен курбан. Бидејки групата е формирана од играорци од оваа село, нејзините членови се заложуваат за зачувување на автентичниот начин на носење на курбан за овој ден со сите белези како некогаш. Така тие овде доаѓаат често и во народна носија, која ја препорачуваат и на другите посетители кој што располага со такви елементи да ги користи за доловување на некогашниот етно амбиент на вакви прослави.

Кога доаѓаат посетителите и гостите на настанот, влегуваат во црквата „Св. Архангел Михаил“ ја следат богослужбата и си палат свеќи за здравје. Се реди трпезата и се готви ручекот.

Кога се соберат доволно посетители, може да започне и веселењето: пеењето, играњето и музицирањето на изворни инструменти. Во овој дел водечко место го заземаат членовите на далеку познатата ФГ „Копачка“ од с. Драмче.
Откако е готов ручекот – курбан, свештеникот го осветува и благословува јадењето.
Пред да се дели ручекот се поминува со кошница во која секој става свој подарок во пари за да добие курбан.
По делењето на курбанот, се преоѓа кон општонародна веселба.

Св. Архангел Михаил е еден од седумте свети ангели или т.н. архангели: Мајкл (Михаил), Габриел, Рафаел, Уриел, Селафиел, Ракел, Жегудиел.
Од сите нив Махаил е најпознат во Христијанството, Јудаизмот и Исламот.
Секоја година на 21 ноември во Православните места се празнува денот во слава на овој Архангел. Со особен пиетет и чест се чествува овој ден помеѓу жителите на Пијанец, каде што името Михаил е особено застапено помеѓу машката популација. Исто така помеѓу женската популација е застапено името Михаела, кое што се празнува како домашна слава во многу семејства.
