
И оваа година како по правило традицијата на “Ѕвегорска сурова” ќе ги избрка лошите духови од селото Ѕвегор.
Повторно ќе тргнат маскираните “сеништа” во раните утрински часови по селските сокаци низ селото Ѕвегор. Вистински живи креатури родени од дамарите на имагинацијата на локалното население, во форма на полу-сонлива изотерија ќе ги раздрнкаат ѕвонците-клопотарци со што ќе ги разбудат заспаните петли… ќе ги растресат заспиените “болви” во брдничавите панталони и ќе ги натргнат волнените чорапи до колена за да му пркосат на студот кој баш на овој ден Св. Василиј Велики како да не постои во душите припадниците на суроваскарската поворка.
Оваа 2026 година по кој знае кој пат, заедништвото и пркосот на ѕвегорци ќе блесне со најсилен интензитет, пред лицето на светот, за да упатат порака: Oвде сме- постоиме, такви какви што сме, за нас сме си најарни!
Легендарната “Ѕвегорска сурова” е автохтон- автентичен народен-световен обичај на жителите на пијанечкото село Ѕвегор, Општина Делчево кој што пркоси на времето низ вековите наназад, остава силен траг на секојдневието денеска а долго се памети во иднината.

Затоа секоја година од рани утрински часови сите патишта на секој добронамерник и пријател на изворната пијанечка традиција водат кон ова погранично село кое опстојува на границата со Бугарија.
Кумот и старекот на “Ѕвегорска сурова” иако се познати од минатото издание на народниот обичај, секогаш “во пет до дванаесет” ги “стегаат копачките” за да ја организираат овогодинешната сурова како најдобро знаат и умеат. И тоа по обичај е секогаш поубаво и поорганизирано од претходното издание, полно со изненадувања, нови маски, многу духовитост, сила и енергија, невиден жар и жестина во изразот. Така ќе биде и сега на 14 јануари 2026 година.
Без многу филозофирање, секој што сака да остави свој белег во овој народен обичај, но најважно од се кај самиот себеси, треба да дојде и да се придружи на програмата која трае во текот на цел ден- од рани мугри до доцна во ноќта. А надалеку препознаеното ѕвегорско гостопримство гарантира дека никој нема да остане запоставен во рамки на овој ден во селото Ѕвегор.
За повеќе информации околу “Приказната за Ѕвегорска сурова” прочитајте на нашиот портал тука а за значењето на овој народен обичај тука
