Волонтери од Делчево на студиска посета со Градоначалникот Гоцевски на Словенија
Од денеска во студиска посета на Република Словенија се група од 16 волонтери на ОО Црвен Крст од Делчево заедно со припадници на ТППЕ Делчево и Градоначалникот на општината Иван Гоцевски.
Во рамки на посетата младите волонтери од Делчево ќе бидат дел од балкански камп за обука на волонтери за справување со кризни сутуации за време на пожари и одговор на спасувачките екипи во насока на спасување на лица и ствари.
Во врска на оваа посета Градоначалникот на општина Делчево упати своја порака во јавноста за важноста од ваквите соработки кои што општина Делчево ги спроведува во интерес на јавното добро:

“Подготвени за нови знаења и пријателства.
Шеснаесет волонтери од Црвениот крст од Делчево во Словенија од денеска ќе ги учат основите на противпожарната заштита и спасувањето животи во услови на пожар на традиционалниот интернационален Младински противпожарен камп во Чрномељ, Словенија.
Ми претставува посебно задоволство што нашите млади волонтери се дел од овој интернационален камп и ќе имаат можност да стекнат непроценливи знаења. Нивното учество е многу повеќе од едно патување или еден младински камп, бидејќи овој настан кој со години се одржува во пријателската Општина Чрномељ нуди нови знаења, размена на искуства, но и доказ дека и Делчево има млади кои знаат што значи хуманост, солидарност, одговорност и волонтерство.
Со ваквите активности, градиме мостови меѓу младите од Делчево и младите од европските средини. Пријателствата што ги градат младите се најцрврстата основа за идната соработка меѓу нашите општини и нашите земји.
Горд сум на младите волонтери од Делчево!
Во оваа прилика изразувам благодарност до нашите домаќини, Општина Чрномељ и градоначалникот Андреј Кавасек за гостопримството, но пред сè за соработката која отвора нови перспективи за двете општини, соработка која се надградува со младите, кои се иднината на двете општини.”
-напиша на социјалните мрежи градоначалникот Гоцевски.
