Во Делчево одбележан денот на пожарникарите со презентација на опремата и подготвеноста на ТППЕ Делчево
Делчевските пожарникари се едни од најдобро обучените во овој дел од државата за справување со секаов вид на кризи. Иако им недостига дел од потребната опрема особено за ефикасно справување со пожар на отворено во шума, сепак делчевските пожарникари со своите вештини и физичка и тактичка подготвеност можат да бидат пример за многу ТППЕ во државата. Во оваа насока нивната работа претставува можеби и најважен елемент во сиџирот за справување со кризи, какко на сообраќајни несреќи и поплави така и на пожари од секаков вид.
Денеска по повод денот на пожарникарството припадниците на ТППЕ Делчево под команда на командирот Сашко Поповски успешно спроведоа показна вежба за ученицте и персоналот во ООУ “Св. Климент Охридски” Делчево а потоа со дефиле на дел од својот возен парк низ центарот на Делчево манифестираа силна подготвеност за реакција на секоја потенцијална криза од доменот на нивната работа.

“Со успешно спроведена тактичко- показна вежба– симулација на пожар во ООУ „Св.Климент Охридски“ и спасување на повредени лица, како и гасење пожар на објектот, но и дефиле и презентација на возила и опрема во Делчево е одбележан Денот на македонските пожарникари, 20 мај.
Овие вежби се редовна практика на ТППЕ Делчево и се изведуваат со цел да се види физичката и психичката подготвеност на пожарникарите во услови на вистинска појава на пожар во објектите, при автомобилски несреќи, но и да се провери исправноста на опремата, истакна Сашко Поповски, командир на ТППЕ Делчево.
Градоначалникот Иван Гоцевски кој присуствуваше на настаните изрази задоволство од подготвеноста на пожарникарите за справување со пожарите и на објекти, но и на отворен простор. Честитајќи го празникот на пожарникарите, тој додели плакета на ТППЕ за особена заслуга.
– Со посебна почит, денеска го одбележуваме 20 Мај, Денот на пожарникарите. Испраќам честитки и изразувам огромна благодарност до нашите херои пожарникари, професионалци и доброволци, за нивната пожртвуваност и човечност, за нивната работа која значи спасен живот или имот на граѓаните. Сите сме благодарни – на вистинските херои од нашиот град. И затоа веднаш по стапувањето на функција го решивме проблемот со платите и ја исправивме децениската неправда, а паралелно работиме да ја подобриме опременоста на ТППЕ Делчево и со апарати, опрема, но и средства за лична заштита, нагласи Гоцевски.
Во тој контекст е и денешната донација, работни чевли обезбедени од Општина Делчево и униформи за сите пожарникари во Делчево обезбедени од општествено одговорната компанија „Брегал“.
Во знак на одличната соработка меѓу ТППЕ Делчево и градоначалникот и Општина Делчево, ТППЕ Делчево додели Плакета на градоначалникот Гоцевски.
Инаку, пожарникарството во Делчево испишува историја од 8– децениско функционирање. Првото доброволно противпожарно друштво е формирано од делчевецот Илија Дамјанов Крстевски во 50-тите години, по што е формирана првата единица на чело со командирот Никола Димитровски.”
-напишаа од општина Делчево по повод 20- мај денот на пожарникарството.
