Ветеното претворено во конкретни дела: Градоначалникот Гоцевски со отчет за реализираните проекти за граѓаните за 1 година од неговиот мандат
Денеска градоначалникот на општина Делчево го презентираше својот Отчет за сработеното од првата година од неговиот мандат откако ја доби довербата на граѓаните на Делчево на минатогодишните Локални избори во месец октомври.
Во својот отчет Градоначалникот Гоцевски го презентираше преземените активности и мерки преку кои што тој и неговиот тим наметнаа ново динамично темпо за работа на општинската администрација и локалните институции целосно во фокус и во интерес на граѓаните, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата.
Во продолжение интегрално го пренесуваме текстот на прес конференцијата на Градоначалникот Иван Гоцевски по повод едногодишното работење на општина Делчево под негово раководство:
“Почитувани претставници на медиумите,
Градот под Голак, нашето Делчево е нашата света обврска и завет даден пред граѓаните дека ќе работиме неуморно да го вратиме сјајот на градот во кој се крие нашата младост, се ткае иднината на нашите деца и се чува приказната на нашите родители, минатото покрај немирната вода на река Брегалница.
Тоа Делчево е нашиот мотив, како одговорна локална власта да донесеме развој и да ги испишеме новите страници од приказната за Делчево, каде што ќе живеат задоволни граѓани.
Сите напори, обврски и предизвици изминативе 12 месеци се со заеднички именител:бескомпромисна работа и развој. Со поддршка од Советот на Општина Делчево испишуваме историја и докажуваме дека промените се возможни, дека може да се зборува и да се работи за една поинаква општина.
Општината реален сервис на граѓаните општината во функција на одржлив развој и динамична локална економија, унапредување на животната средина и хумани урбани и рурални услови.
Во овие 12 месеци работиме на развој на Делчево во секоја сфера. Посветено работевме на реализација на :
- Кампањата: „Се бориме за почист дом-Делчево со нула толеранција за отпад“.
- инфраструктура за развој
- Урбанизација во функција на модерен животен стандард и развој на локалната економија
- Програма во која се пакува „Најдоброто од Делчево“ со акцент на развојот на културата и туризмот .
Воспоставивме поинаков начин на управување, воведовме транспарентност, наместо затворени одлуки, конкретна работа наместо празни зборови, започнавме процеси со кои донесовме одлуки кои ја враќаат довербата во институциите на локално ниво. Нема веќе затворени институции.
Во овие 12 месеци, ја насочивме енергијата кон решавање на клучните проблеми кои со години беа запоставувани.
-Ново структурирање на Секторот за ЛЕР, урбанизам, градежно земјиште, сообраќај и заштита и спасување, каде што локалниот економски развој има главна улога во работењето на општината;
-Воведуваме ново Одделение за меѓународна соработка;
-Подобрување на финансиското портфолио и правниот промет на акти и политики на општина Делчево;
- Воведуваме дигитални алатки и платформи за поефикасна служба во интерес на граѓаните и стопанството;
- Етаблирање правичен систем за кариерен раст на администрацијата со ефикасен мерлив систем за верификација на резултатите на секој вработен.
-Ги мобилизиравме сите структури и ги ставивме во пакет за локалниот економски развој.
- Формиравме Совет на интелектуалци составен од наши граѓани кои живеат и работат надвор од Делчево, а чие искуство и професионалност можат да дадат придонес за развојот и промоцијата на нашето Делчево.
-Формиравме Совет за развој на туризмот и сите природни раритети ги ставаме во пакет на локалниот развој на оваа исклучително важна економска гранка, бидејќи исконската убавина на пределот Пијанец заслужува да се сподели со добронамерниците и Делчево да прерасне во посакувана туристичка дестинација.
-Ги отворивме вратите за нашите иселеници, го слушаме нивниот глас и заедно преземаме мерки нивното искуство да биде отсликано и во Делчево. Затоа, воспоставивме врски со 4 општини во Италија, Монфорте, Новело, Родино и Рикалдоне од Италија. Интензивирана е соработката со Благоевград, Бугарија. Остварена е студиска посета на Швајцарија од каде произлегоа повеќе иницијативи и активности, каде живеат и работат наши луѓе и го ткаеме пријателството во интерес и на иселениците и на граѓаните на Делчево.
-Бизнис-заедницата од Делчево е нашиот партнер и со иста цел-создаваме услови за локален економски развој. Досега се одржани два бизнис-форуми, каде разговараме отворено за проблемите и заедно бараме решенија во интерес на развојот.
-Формиравме нови состави на месните и урбаните заедници-како основна клетка во локалната самоуправа, го слушаме гласот на младите, на ценетите граѓани од третата доба, на мажите и жените од Делчево.
-Воспоставивме поголема буџетска дисциплина, зголемена транспарентност и јасен увид во трошењето на јавните средства. Секој денар е ставен во функција на јавниот интерес.
И во оваа прилика сакам да истакнам дека ништо нема да ја запре реализацијата на програмата ветена на граѓаните. Со добрата поддршка од централната власт, со добро изработените проекти од општинската администрација, со поддршката од Советот на Општина Делчево и со искрен и максимално ангажиран пристап, може да книжиме само реализација на нови проекти и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Капиталните инфраструктурни проекти остануваат да се приоритет број еден. Во овој период само во инфраструктура во Делчево, се инвестирани околу 300 милиони денари инвестиции од Владата на РСМ, од донатори и дел од општинскиот буџет, а изградени и реконструирани се улици во должина од над 5 км и 5 км регионални патишта.
1.Во завршна фаза е реализацијата на пакетот инфраструктурни проекти поддржани од Министерството за транспорт во износ од над 140 милиони денари.
2.ги изградивме новите улици во централното градско подрачје и ги поврзавме со инфраструктура сите нови градби, новите станбени комплекси и го променивме ликот на овој дел од Делчево во средена урбана средина и отворивме можности за нови инвестиции.
3. Ја завршивме критичната инфраструктура во населбата Расадник-жителите од ул. „Видое Смилевски-Бато“ за прв пат имаат современа сообраќајница.
4.Изградивме нови улици и соодвтена инфраструктура во новата населба „Пролет“ и населбата доби современ урбан лик.
5. Заврши реконструкцијата на улица „Индустриска“- во должина од 500 метри , една од најфреквентните улици во градот и главна сообраќајница што го поврзува индустрискиот дел, градскиот пазар и населбите Расадник и Трети Реон.
6.Изградивме нови улици во Спортско рекреативниот центар во должина од 400 метри и водоводна, атмосферска и фекална канализација. За прв пат жителите од оваа населба добија современа инфраструктура.
7. Се гради се регулира речниот тек на Брегалница во Делчево во должина од 1 км. Во тек е изградба на регулацијата на речното корито на река Брегалница-возводно во должина од 620 метри во два одделни проекти.
-Првиот проект се реализира преку проектот за прекугранична соработка „Интегрирани прекугранични туристички акции во Благоевградско-делчевскиот регион“ се реализира во рамките на Програмата IPA Бугарија — имплементиран од Општина Делчево и Регионален центар за застапување од македонска страна и Општина Благоевград и Алфатур од бугарска страна. Вкупната сума на проектот е 991.641,39 евра од кои 842.895,17 од Европската Унија, а остатокот е национално кофинансирање од 90.441,18 (Бугарија) и 58.305,04 (Северна Македонија).
‑Вториот проект за регулација на речното корито во должина од 320 метри возводно е преку Министерството за животна средина. Вредност на работите 42 милиони денари
-Третиот проект за регулација на речното корито на река Брегалница низводно во должина од 300 м. се очекува да се официјализира наскоро. Средствата се обезбедени преку Европска инвестициска банка.
7. Делчево го доби првиот скејт-парк- изграден во рамки на проектот за прекугранична соработка.Паркот е лоциран до градскиот парк и претставува одлична понуда за младите, туристите, рекреативците.
8. Заврши дворното уредување на новата детска градинка, а вкупната вредност на договорот е 6,7 милиони денари со вклучен ДДВ. Наскоро ќе започне реализацијата на нов проект во градинката за опремувањето на градинката-вкупната вредност е 6 милиони денари. Оваа нова градинка ќе пружа современи услови за престој и воспитно-образовна дејност на 130 дечиња.
9. Очекувам наскоро да започне реализацијата на капиталниот проект- изградба на нов водовод во с. Вирче.Обврска на Министертсвото за животна средина во рамките на проектот за Водоснабдување на Делчево поддржан од Швајцарската Влада.
10. Наскоро започнуваме со реконструкција на старата спортска сала во спортскиот комплекс на Делчево. Салата повеќе од две децении го нагрдува градот и сведочи за негрижа и недомаќинско работење со јавните средства и од локалната и од централната власт, во текот на оваа 2026, ќе биде целосно реконструирана, ќе добие нов лик и ќе прерасне во центар на спортските настани во Делчево.
11. Во партнерство со ФФМ- обезбедивме нови 1180 седишта за градскиот стадион‑и продолжуваме со реализацијата на идејата за подобра спортска инфратсруктура
НАЈАВУВАМ РЕАЛИЗАЦИЈА НА СЛЕДНИВЕ ПРОЕКТИ
- Изработка на техничка документација на ниво на основен проект за реконструкција на постоечка водоводна мрежа-главен цевковод Лошана-Општина Делчево
-Изградба на улица „Петрашевска“,
-Изградба на улица „Чифличка“,
‑Изградба на улица „Ветренска“,
— Изградба на улица „Влаинска“,
— Изградба на улица „Грозданец“,
— Изградба на улица во с.Град,
-изградба на улица во с. Тработивиште
-реконструкција на стариот водовод во населбата Први Реон
- Набавка на нова урбана опрема за детските паркови;
-Изградба на фекални и атмосферски канализации;
Почитувани,
Значаен сегмент во овие 12 месеци е урбанизацијата која ја ставаме во функција на модерен животен стандард и развој на локалната економија, а новиот ГУП на Делчево наскоро ќе биде ефикасен документ кој ќе го планира современиот развој на градот. Исто така, за рурален развој на селата во Делчево- започнуваме со урбанизација на селата Град, Тработивиште и Габрово.
Започната е постапка ТИРЗ Делчево да биде во надлежност на Општината и очекувам конкретни инвестиции во оваа развојна зона.
Голак- е нашиот таргет за развојот на туризмот. Завршен е проектот за водоснабдување на Голак. Наредниот период ќе биде посветен на конкретна работа на теренот и, како приоритет останува обврската — административната постапка за ДУП на Голак.
За младите-го поттикнуваме нивниот активизам и го слушаме нивниот глас
- Го отворивме Младинскиот центар и ја поддржуваме работата на Локалниот младински совет. За младите и за талентираните го зголемивме износот на стипендии на 2 милиони денари и исплаќаме средства за секое новороденче и за секое прваче во Делчево. Даваме стипендии на талентираните ученици, ги наградуваме првениците и 10-те најдобри матуранти.
- Доделуваме 18 ученички стипендии и 4 студентски
- Зад секоја стипендија и награда- стои млад човек кому му порачуваме дека неговиот труд го препознаваме и го цениме.
- Зад секоја инвестиција во училиштата и градинките стои нашата најважна инвестиција – инвестицијата во иднината на Делчево.
За граѓаните кои поминуваат во тежок период поголем буџет во Програмата за социјална заштита
- Зад секоја мерка за социјална поддршка стои порака дека никој во нашата заедница не смее да биде заборавен. Обезбедивме поголем буџет за социјална заштита во висина од 13,6 милиони денари и воведовме нови мерки со цел да им помогнеме на граѓаните кога има е најтешко.
-еднократна парична помош за еднородителски семејства во износ од 10.000 денари,
-еднократна парична помош за лекување на онколошки пациенти во износ од 10.000 денари
-еднократна парична помош за рехабилитација на ученици со мускулна дистрофија во износ од 20.000 денари.
Културата и традицијата се душата на мојот народ
Затоа посветуваме посебно внимание и почит кон зачувување на традицијата и негување на културните вредности.
Од локалниот обичај под маски Сурва, преку традиционалната Велигденска изложба, настани по повод одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание, Манифестацијата „Свежо културно лето“ која донесе илјадници гости во Делчево, настаните под името „Денови на мојот град“. Сите овие настани, но и многу други креирани во новоизграденото партнерство со сите институции од областа на културата и граѓанскиот сектор кој работи на полето на културата-донесоа нова атмосфера во градот и верувам дека ја постигнаа целта: сите раритети од регионот да се спакуваат како туристичка понуда од регионот и Делчево со сета исконска убавина да прерасне во посакувана дестинација..
Во таа насока е извршено брендирање на Туристичкиот културен информатор.
Во овој преглед на нашата работа и заложбите, на пиедестал ја ставаме реконструкцијата на Спомен- домот посветен на Разловечкото востание, кој благодарение на несебичната поддршка од Владата, премиерот Мицковски и Министерството за култура, го врати својот сјај и ги отвори вратите за да ја раскажува приказната за едно бурно време за храбрите луѓе кои вложувајќи ги своите животи испишаа историја кревајќи го првото вооружено Востание во предилинденскиот период.
Почитувани,
За мене најголемиот резултат од оваа една година не е само она што е изградено. Најголемиот резултат е чувството дека Делчево оди напред. Не велиме дека сѐ е завршено. Напротив. Има уште многу работа. Има уште многу проблеми за решавање. Има уште многу идеи што треба да станат реалност.
Но, денес имаме јасна насока. Нашата цел е Делчево да биде општина во која младите ќе гледаат иднина, семејствата ќе имаат подобри услови за живот, а секој граѓанин ќе чувствува дека Општината е тука за него.
Во следниот период ќе продолжиме уште посилно со инвестиции во инфраструктурата, подобрување на јавните услуги, поддршка на образованието, младите и спортот, социјалната инклузија и локалниот економски развој.
Ќе продолжиме да бидеме отворени за граѓаните.
Ќе прифаќаме критика.
И ќе работиме.
Затоа што Делчево не се гради само со проекти. Делчево се гради со доверба, со заедништво и со визија.
Пред една година кажавме дека сакаме Делчево да го направиме подобро место за живеење.
Денес велиме: Тоа не беше само предизборно ветување. Тоа е нашата секојдневна работа. И ќе продолжиме. За секое семејство. За секое дете. За секој млад човек. За секој наш сограѓанин.
Една година е зад нас. Најважните години се пред нас.
И затоа, со уште поголема енергија, со уште поголема одговорност и со уште поголема верба во нашиот град, продолжуваме да го градиме Делчево што го сакаме.
Делчево што се развива. Делчево што оди напред!!!
Ви благодарам.
