Силно грее слободата над Разловци и Македонија- Целиот говор на Градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски од Разловци
Дојде и тој ден!!
Силно грее слободата над Разловци и Македонија!!
Почитуван претседател на македонската Влада, г‑ин Христијан Мицкоски
Почитувани министри во Владата, г‑ин Зоран Љутков, г‑ин Владо Мисајловски,
Почитуван наш г‑дин Драган Ковачки и
почитувани пратеници во Македонското собрание,
почитувани градоначалници и советници,
почитувани претставници на АРМ,
почитуван епископ на Делчевско-каменичка епархија, г‑ин Марко,
почитувани претставници од Националниот конзерваторски центар,
почитувани професори и културни работници,
сите оние тивки борци кои работевте за денешниот ден и работите за подобро живеење во Делчево,
почитувани претставници на медиумите,
почитувани потомци на храбрите разловечки востаници,
драги разловчани,
пријатели на Делчево и Македонија
дами и господа
Денес одбележуваме голем јубилеј!
150 години непокор на македонскиот народ!
150 години борба за слобода и просперитет!
150 години постоење на пламенот кој ја грее Македонија!!
Денес стоиме на света земја, пред живиот спомен на една жртва, пред едно дело кое и по 150 години одекнува како зрак низ македонската историја.
Пред точно еден век и половина, овде во Разловци се роди крикот на македонскиот непокор.
Во време на темнина, кога народот бил притиснат од страв, сиромаштија и ропство, групо храбри луѓе решиле да го направат она што изгледало невозможно- да се исправат против неправдата и да го кренат знамето на слободата.
Знамето на Макеоднија!
Тие немале армии!
Немале богатства!
Немале сигурност дека ќе победат.
Но, имале нешто големо.
Имале срце.
Имале верба.
Ја имале Македонија во душата.
Разловечкото востание не било само оружен отпор.
Тоа било будење.
Пламен што ја осветлил иднината:
Прв силен удар на народот кој одбил да молчи и да живее на колена.
Слишнете ме сега внимателно!!
„Македонецот не бара милост, туку слобода. Нашата борба е за нашата чест“- рекол Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски, и со оваа порака, ви посакувам добредојде во востаничкото Разловци, на одбележувањето на 150-годишнината на Разловечкото востание.
Денес ние не се поклонуваме само пред минатото, се поклонуваме пред достоинството,
Пред жртвата,
Пред храброста на луѓето кои ни покажале дека слободата никогаш не се добива како подарок-таа се освојува со борба, со труд и работа, со визија и пркос,
Со љубов кон татковината!
На 15 мај 1976 година по повод 100-годишнината од Востанието, генерал-академик Михајло Апостолски , вели
„На Гоце и на неговите соработници, неполни две децении по Разловечкото востание создавајќи ја Македонската револуционерна организација, позната како Тајна македонско-одринска револуционерна организација, им беа добро познати херојските дела на востаниците од Разловечкото и Кресненското востание, како и подвизите на македонските доброволци. Гоце и неговите соработници црпеа борбено искуство од организаторите на овие востанија, од Димитар Поп Георгиев Беровски и од поп Стојан Разлошки, како и од други познати војводи, како Дедо Иљо Малешевски, Ѓеорги Пулевски и др.“
Овде е јасно дефинирана улогата и значењето на Разловечкото востание.
Свесни за ваквото значење на Востанието пред лицето на историјата, пред две години јас и мојот тим, повторно го распламтивме оганот за Разловечкото востание со неговата вистинска суштина, а таа е:
ИСКРА ЗА ВЕЧНА СЛОБОДА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД!
…колку тоа во минатото и некому да НЕ му одговарало, да се обидува да го заборави, намерно или ненамерно!
Ние како одговорни луѓе ќе го чуваме, промовираме и ќе ја раскажуваме вистината за Разловци која мора да ја слушаат нашите деца, да ја научат и да ја знаат, за да ја остават на своите наследници како аманет.
Таа искра допре до многу срца во изминатиот период, но најважно од сè, допре до срцето на македонскиот премиер, проф д‑р Христијан Мицкоски за чијашто поддршка од името на сите граѓани на Делчево и од мое лично име, му се заблагодарувам од дното на мојата душа.
Почитувани,
Денес, симболично и со многу гордост, го пуштаме во употреба реконструираниот Спомен- дом на Разловечкото востание.
Овој дом не е само објект од стакло, камен и дрво.
Ова е храм на македонската меморија.
Светилник за сегашните и идни генерации
Место каде минатото ќе зборува, за времињата што биле и луѓето пред нас.
Место каде секој еден човек и секое дете ќе можа да ја почувствуваат тежината на борбата и величината на идеалот за слобода.
Со поддршка на Владата и Министерството за култура и туризам преку Националниот конзерваторски центар Скопје и Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров” Делчево се извршија конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита, негово прогласување за културно наследство и уредување.
Во подготовката на историската поставка учествуваа нашите врвни научници и историчари кои безрезервно се вложија себеси во овој проект.
Дозволете ми во име на Општина Делчево и од мое лично име да изразам искрена благодарност до македонската влада, уште еднаш до премиерот Мицкоски, Министерството за култура и туризам, Националниот конзерваторски центар Скопје и до сите институции, историчари, културни работници, здруженија на граѓани, општествено одговорни фирми, медиумски работници но и пријатели на Делчево коишто несебично се вклучија и дадоа поддршка за достојно одбележување на овој голем јубилеј.
Благодарност и до сите работливи и чесни луѓе, вработените во локалните институции кои несебично се вложија за уредувањето на просторот.
Но, денеска овде не запираме!
Приказната за Разловци ќе доживее нова димензија на постоење во блиска иднина.
И дозволете од овде да се обратам на младите, на нашите деца.
Сакам да ви раскажам за еден мој сон и да ви обратам токму вам, нашите идни генерации!
За мојот сон дека Разловци и Разловечкото востание повторно ќе го дочека своето достоинствено почитување.
Денес драги млади, благодарение на вас, на нашиот премиер и сите вклучени институции и чинители во процесот, станува јаве.
Затоа, сакам да ве замолам од утре сите заедно да сонуваме за прогласување на село Разловци за заштитена историска целина.
Па, наскоро, еден ден, 19-ти мај да биде прогласен за државен празник на Република Македонија, во чест на Разловечкото востание.
Затоа,
Јас како градоначалник на општина Делчево и мојот тим заедно со Месната заедница на село Разловци, интелектуалци, медиумски работници и останати граѓани
До
Управата за заштита на културното наследство и Министерство за култура и туризам
ПОДНЕСУВАМЕ
ГРАЃАНСКА И ИНСТИТУЦИОНАЛНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОТПОЧНУВАЊЕ ПОСТАПКА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА СЕЛО РАЗЛОВЦИ ЗА ЗАШТИТЕНА ИСТОРИСКА ЦЕЛИНА (КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ) НА МАКЕДОНИЈА.
Почитувани,
Ние, долупотпишаните граѓани, жители на село Разловци, Општина Делчево, пошироката јавност и почитувачи на македонската историја, врз основа на Законот за заштита на културното наследство, ја поднесуваме оваа Официјална граѓанско‑институционална иницијатива…
…со која ќе побараме надлежните институции да отпочнат постапка за изработка на Елаборат за валоризација и донесување Закон за прогласување на село Разловци за културно наследство од особено значење – заштитена историска целина. Ги повикувам сите да се вклучат во оваа наша иницијатива и нашиот сон за Разловци!!
Нашето македонско Разловци ќе живее!
Заедно, сите ние денеска оставаме силна порака пред историјата!
Многу пати сум кажал дека овде е центарот на Балканот, крстопат на цивилизациите, наша чест, гордост но и обврска е Разловци да го добие заслуженото место во Македонската општествена свест.
Почитувани гости, драги пријатели на Разловци,
Овој голем јубилеј нека биде повик за нашата одговорност како генерација да го чуваме и афирмираме историското наследство, повик за единство и повик да веруваме во сопствените капацитети во нашата борба за достоинствена Македонија, исто толку, колку што верувале и Димитар Поп Георгиев Беровски и Поп Стојан и нивните приврзаници- разловечките востаници.
Нека им е вечна слава!!
Вечно нека живее споменот и денот на Разловечкото востание!!!
Да живее Гоце во Делчево,
Господ да ја благослови Македонија!!
Ви Благодарам
Целата фото галерија од настанот е дадена во продолжение
