Реконструкцијата на ул “Индустриска” дава нова енергија за развој на стопанската активност во Делчево
Вчера механизирани градежни екипи на фирмата изведувач работеа на асфалтирање на една од најзначајните улици во градот Делчево- илицата “Индустриска” која што е урбана граница помеѓу двата урбани блокови- Централно градско подрачје во Делчево и Сервисна зона кон северозападниот дел од градот.
Оваа сообраќајница е дел од регионалниот пат Р2343 кој ги поврзува меѓународниот пат А3 со Туристичкиот локалитет на планината Голак и како таква е важна за развојот на туризмот во Делчево но истовремено претставува една од носечките сообраќајници на интензивниот градежен развој во централното градско подрачје кој што тековно се случува.
Според проектната документација и доделениот договор за јавна набавка со фирмата изведувач станува збор за реконструкција на улицата “Индустриска” во должина од 500 метри со вкупен износ на чинење од 11,8 милиони денари (според договор за јавна набавка)- пари обезбедени од Министерството за транспорт. Во градежните работи е предвидено асфалтирање на улицата со асфалтен слој БНХС 16а со дебелина од 8 см со вкупна површина од 3500 м2 и поставување на бетонски бекатон плочки со дебелина од 6 цм со вкупна површина од 1250 м2.
На реконструкцијата на коловозот на оваа сообраќајна артерија на градот Делчево претходеше реализација на проект за поставување на нова атмосферска канализација која што е од особена важност за одведувањето на атмосферските води на сливното подрачје на дел од централното градско подрачје.
Во проектот за изградба на нова атмосферска канализација по должина на улицата “Индустриска” станува збор за изградба на 690 метри на ПП-ХМ канализациони цевки со профил од 283 мм, 563 мм, 679 мм на различни делници кој што е финансиран од Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање во вкупен износ од 8,8 милиони денари според доделен Договор за јавна набавка
Реконструкцијата на оваа улица е од особено значење за сите деловни и стамбено деловни капацитети чија што дејност во моментот е во интензивен подем и развој.
Градоначалникот на општина Делчево пренесе свое видео од дрон во текот на вчерашниот ден за текот од градежните работи.
