Прес конференција на Градоначалникот Гоцевски за најава на настаните за одбележување на 150 годишнината од Разловечкото востание
Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски на посебна тематска прс конференција ги најави активностите кои што ќе се реализираат како дел од повеќедневната манифестација за одбележување на 50 годишнината од Разловечкото востание.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека станува збор за одбележување на највисоко државно ниво со сите почести за еден ваков значаен настан од најзначајните личности во Македонија.
Во продолжение интегрално го пренесуваме текстот на прес конференцијата на Градоначалникот на Општина Длечево Иван Гоцевски по тој повод:
“Почитувани претставници на медиумите,
почитувана делчевска и Македонска Јавност,
Македонија е создадена од крвта на Македонските херои низ историјата!
Денеска имам најголема чест да ги најавам настаните за одбележувањето на 150 годишнината од кревањето на Разловечкото востание.
Разловци не е само историја, тоа е жива порака дека за слободата се сонува, се работи и слободата се освојува.
Идентитетот не се подарува, туку се брани со срце, знаење, пот и жртва.
Нашето Разловци е место од каде се разгорела искрата за слобода која го запишала со црвени букви пред лицето на историјата- првото Македонско вооружено востание организирано со сопствени сили и средства на нашите претци.
На знамето на Разловечкото востание извезано во 1876 година од вредните раце на учителките Баба Недела Петкова и нејзината ќерка Станислава Караиванова во Солун, како јасен и гласен историски факт стои името Македонија.
Денеска сакам да информирам дека Разловци, Делчево и Македонија, ги финализираат подготвките за одбележувањето на 150 годишнината од кревањето на Разловечкото востание.
Обединети под мотото „Искра за вечна слобода“ во Делчево и Разловци ќе се реализираат низа настани во кои активно се вклучени локални институции и институции од највисоко национално ниво.
Започнуваме од понеделник, 20 април
со распишување на литературни конкурси,
ќе следуваат изложби, музички настани, историски часови во училиштата, ликовна колонија во село Разловци,
по повод јубилејот 150 години Разловечко востание во Делчево ќе се одржи и локален базар на рачни изработки и производи во центарот на Делчево во функција на локалниот економски развој.
На предвидената научна трибина на 18 Мај еминентни Македонски историчари ќе изнесат свои научни трудови за различни аспекти на Разловечкото востание и неговите рефлексии и значење во модерен контекст.
Во соработка со Генерал Штабот на Македонската армија во Делчево на 18 мај ќе се одржи вечерен концерт на армискиот оркестар проследен со Егзирцир на Батаљонот за почести во рамки на пешадискиот состав на армијата. Тој ден на летната сцена во Делчево го очекуваме и настапот на Националниот ансамбл за народни игри и песни Танец, како и настап на познати Македонски фолк- изведувачи.
Централниот настан за одбележување на 150 годишнината од Разловечкото востание на највисоко државно ниво и почести ќе се реализира во селото Разловци на 19 мај.
Со планинарски марш “По врвиците на востаниците” со учество на припадници на Македонската армија и полиција, Организацијата на резервни воени старешини, планинарски клубови и останати граѓани ќе започне централниот настан за одбележување на 150 годишнината од Разловечкото востание на 19 мај.
Предвидени се обраќања на највисокиот државен врв од центарот на село Разловци.
Тогаш свечено ќе биде отворен целосно реконструираниот и опремен Спомен- дом „Разловечко востание“ во селото Разловци во присуство на високи претставници на Македонските институции во државата и истакнати Македонски општествени дејци. Со голема посветеност на Националниот конзерваторски центар, на Министерството за култура и туризам, но пред сè на Македонската Влада предводена од Премиерот, Домот во селото Разловци го добива својот заслужен нов лик како Споменик на културата на нашата држава.
Во дворот на црквата „Свети цар Константин и царица Елена“ на 19 мај ќе биде приреден свеќен световен ручек за сите присутни гости.
Почитувани граѓани на општина Делчево, почитувана Македонска јавност,
Село Разловци го добива заслуженото внимание на највисоките државни институции во Македонија!
Во оваа прилика изразувам најголема благодарност до Македонската Влада и премиерот проф. Д‑р Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам, Националниот конзерваторски центар Скопје, Музеј на Македонија, Началникот на Генералштабот на Македонската армија и сите локални институции, но и пријатели на Делчево коишто несебично се вклучуваат и даваат поддршка за достојно одбележување на овој голем јубилеј не само за Делчево, туку за целиот Македонски народ.
Ги повикувам сите граѓани да бидат дел од ова одбележување.
За сите предвидени настани во рамки на одбележувањето на 150 годишнината од Разловечкото востание јавноста ќе биде редовно и детално информирана преку веб-страницата на Општина Делчево, интернет- порталите, социјалните мрежи и останатите медиуми.
Ви благодарам на присуството.”
-рече на прес конференцијата Градоначалникот на општина Длечево Иван Гоцевски.
