Отворена изложбата на делата од Лесновската колонија 2026
Од повеќето активности во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, во фоајето на Спомен Дом АСНОМ беше свечено отворена и изложбата на слики од 33 Лесновска ликовна колонија.
Пред посетителите се изложени дела од богатата збирка на уметнички творби создадени во рамките на Лесновската ликовна колонија, која Домот на културата „Злетовски Рудар“ – Пробиштип грижливо ја чува и ја претставува преку изложби во бројни домови и центри за култура низ Македонија.
Изложбата ќе биде отворена за посетители во наредните 10 дена, а сите љубители на ликовната уметност се добредојдени да ја посетат и да уживаат во изложените дела.
На отварањето на самата изложба присуствуваше и градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски кој упати своја порака во врска со овој значаен културен настан за делчевчани:
“Убава увертира на настаните што ќе следуваат наредните денови како дел од “Свежо културно лето Делчево 2026”. Вечерва на задоволство на љубителите на ликовната уметност имавме можност да посведочиме на монументалноста на делата од овогодинешната Лесновска колонија која од година во година прераснува во вистински репрезент на нашиот регион и вонвременските вредности кои ги нуди.
Нашиот Центар за култура ” Никола Јонков Вапцаров” од Делчево уште еднаш покажува што значи да биде носечки столб на културниот живот во нашиот град и општина.
Огромна благодарност за соработката која традиционално се реализира со години наназад за менаџментот на Домот за култура “Злетовски рудар” од Пробиштип.
Наш аманет и заложба е преку афирмација на вистински трајни вредности да овозможиме развој на културата во сите нејзини сегменти во периодот кој следува.”
-напиша на социјалните мрежи Градоначалникот Иван Гоцевски






