Градоначалникот Гоцевски се поклони пред споменикот на Гоце Делчев и споменикот на паднатите борци од НОБ по повод денешниот празник
По повод празникот 2 август делегација на општина Делчево предводена од Градоначалникот Иван Гоцевски се поклони и повожи свежо цвќе пред споменикот на Гоце Делчев и споменикот на паднатите борци од НОБ во центарот на Делчево.
По повод двата илиндени градоачалникот Гоцевски упати своја честитка до сите Македонци преку социјалните мрежи:
“Денес го одбележуваме 2 Август – Илинден, датум кој засекогаш е врежан во историјата на Македонија како симбол на слободата, достоинството и стремежот кон сопствена држава.
Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година се темелите врз кои е изградена современата македонска државност. Тие претставуваат историски пресвртници што го трасираа патот кон независна и суверена Република Македонија, остварена на 8 Септември 1991 година.
Наша обврска е со почит да ги чуваме споменот и делото на илинденците и на сите кои се бореа за слободна и достоинствена татковина. Нивната жртва нè обврзува да продолжиме да градиме силна, просперитетна и европска Македонија, заснована на единство, развој и еднакви можности за сите.
На денешниот ден го празнуваме и големиот христијански празник Свети Илија. На сите граѓани кои го носат неговото име им посакувам добро здравје, среќа, благосостојба и многу лични успеси.
Нека е честит и вечен 2 Август – Илинден! Нека е вечна Република Македонија!:
-напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Длчево Иван Гоцевски.
