Градоначалникот Гоцевски се обрати на вчерашната свечена академија по повод Св. Кирил и Методиј- патрони и заштитници на Делчево

DSC_0035_2
Сподели

Во рамки на свечената академија која што се одржа вчера(петок) на 22 мај 2026 година свое обраќање пред присутните гости во фоајето на Спомен домот АСНОМ во Делчево имаше Градоначалникот Иван Гоцевски.

Оваа свечена академија на која присуствуваа директори од локалните институции, свешеници од делчевско-каменичката епархија предводени од епископот г. Марко и голем број граѓани беше во организација на Претседателот на Советот на Општина Делчево Николчо Стоименовски и општинската администрација.

Настанот го отвори претседателот на Советот Стоименовски по што пред присутните се обрати г. Марко- епископ делчевско-каменички.

Потоа Претседателот Стоименовски додели признанија за хуманост и општествена одговорност на Месната заедница на село Град, Миле Велков ид село Тработивиште, Црковниот одбор во село Ѕвегор и Општинската организација на Црвен Крст во Делчево, протосингел Висарион Давчев и архиерејскиот намесник протојереј Александар Васев.

За крај на Свечената академија се обрати и градоначалникот Иван Гоцевски кој во врска со овој настан упати и своја порака преку социјалните мрежи до јавноста.

“Делчево, денеска со посебен пиетет се поклонува пред ликот и делото на светите сесловенски просветители, браќата Кирил и Методиј, гордо славејќи ги како заштитници на градот и носејќи од дамнина почит кон светителите.

И длабоко веруваме дека светителите заштитници ја даваат душата на сето она што го работиме, а позитивната енергија и добрата мисла да ги следат жителите на овој град и повторно и несомнено длабоко да се вткајува исконското.

Приказната за Делчево и светителите не е случајна.Таа е нераскинливо врзана од дамнина.

Има многу симболика во оваа исконска врска.

Брегалничката мисија и Делчево како град низ кој тече Брегалница.

Описите на теренот со зборови насликани во „Панонските легенди“ од каде се црпат изворни податоци за животописот на светите браќа.

Науката сѐ уште не одговорила, но ние како жители кои живееме во горниот дел на Брегалница имаме право да веруваме дека значајната Мисија во која се родила првата словенска азбука се наоѓала тука, на овој регион.

Црковниот живот во Делчево последниве години испишува нова историја. Делчево е седиште на новата Епархија — Делчевско-каменичка со што пристапот на граѓаните до црковната администрација е олеснет, а словото божјо поблиску.

И е евидентно позитивното издигнување и напредокот во духовниот живот во Епархијата и позитивната промоција на Делчево низ православниот свет, како седиште на Епархијата. Сето тоа е резултат на возвишената мисија на нашиот епискот Марко и на свештениците од нашата Епархија.

Затоа, дозволете ми на неговото преосвештенство, епископот Марко, да му се заблагодарам за неговата заложба и посакувам неговото свето слово да нè носи поблиску до Бога, да нè води со чиста мисла и со молитва и со духовна храна да се издигнуваме над тешкотиите.

Сѐ тргнува од писменоста, од образованието, од верата!

Колку еден човек ќе биде со светлина во очите, толку ќе свети неговиот дом и родниот крај.

Светите Кирил и Методиј се примерот дека не сме народ никнат врз недоверба и незнаење. Во нашата колективна историска свест, никогаш не сме биле скршени од тешкотиите и неправдите, напротив сме изникнале и пркосиме на ветришта, неправди, достоинствено ткаејќи ја вистината запишана и незапишана.

Славете ги зборовите на својот јазик, на јазикот на своите дедовци и прадедовци, оти умот и духот не можат да постојат без јазикот. Не одрекнувајте се од своите македонски зборови запишани на кирилица!

Нека ни е за многу години денов!”

-напиша на социјалните мрежи Градоначалникот Гоцевски.

Потоа Монахиња Ирина од делчевско-каменичката епархија пред присутните ја промовираше книгата Св. Кирил и Методиј по што се одржа монументален концерт на Женскиот хор Св. Злата Мегленска од Скопје.

Чествувањето на празникот посветен на Св, Кирил и Методиј- патрони и заштитница на Делчево продолжува и денес (сабота 23.05.2026 г) со вечерна гогослужба со почеток во 17.00 часот и света литија од Крстилницата Св. Наум при соборната црква Св. Кирил и Методиј во центарот на Делчево до параклисот Св, Климент Охридски кој се наоѓа во дворот на гимназијата СОУ “Методи Митевски Брицо” Делчево, каде ќе се крши славски колач од страна на неговото Преосвештенство г. Марко- епископ делчевско-каменички.

За авторот на оваа објава