Фељтон- 150 Години Разловечко востание (шести дел): За знамето на Разловечкото востание
Знамето на Разловечкото востание е еден од најгласните историски факти на кое што безрезервно, без никаква дилема јасно и гласно стои напишано името “Македонија”.
На лицето на овој историски артефакт името “Македонија” е испишано во политички контекст пред лицето на историјата како симбол на борбата за слобода на разловчани за своја Македонска национална држава. И затоа за Македонците и Македонија Разловечкото востание во политичка и историска смисла е далеку позначајно од Илинденското востание и Крушевската Република каде зборот “Македонија” не игра толку значајна улога како што тоа силно е декларирано на знамето на Разловечкото востание.
Академикот на МАНУ Љубен Лапе користејки го како извор текстот “Знаме на востаниците од Разловци, Пијанечко 1876 година” на бугарскиот професор Дојно Дојнов, за музејскиот гласник на Историскиот архив на Македонија го дава следниот опис на знамето:
“Знамето е направено од единечен црвен копринен плат сошиен на едната половина од три, а во другата половина од четири плата со општ размер: 1,86 cm широчина, на 1,65 во височина. Во средината на знамето, симетрично расположен, пришиен е еден правоаголник од жолто златен копринен плат со размер 54 cm широчина, на 76 cm височина. Во полето со копринени лилави конци е извезен разјарен лав исправен на задните нозе ( во размер 56 cm височина и 46 cm широчина). Шепите, забите, ноктите, устата, окото, се навезени со разнобојни конци, а гривата е направена со дополнително исшивање со дополнителни конци врз основниот вез. Предните нозе на лавот му се куси и позадебелени, главата му зафрлена назад со тенденција да се потенцира неговата разјареност. Задните нозе му се издолжени, мевот истенчен со што се постигнува грациозност. Опашката е долга извиткана по должина на телото, завршувајки во горниот крај врз трилисно раширување. Врз него со дебел конец е зашиено памучно парче, залепено на хартија со натпис: “на 8 мај 1876 година”. Овој натпис врз везената контура над трилисното раширување очигледно е дека е дополнително доставен. Буквите се во латински стил. Знамето има неколку ленти, две од нив се со темно црвена коприна размер 1,32 cm должина и 15 cm широчина, за завршуваат на крајот со локатести триаголни резови. На едната лента е извезен натписот: “Станете” со ракописни букви, а на другата: “Да ви освобода” со почетни букви во латински стил”

Знамето на Разловечкото востние е цезано и составено во Солун од страна на двете учителки Баба Недела Петкова и Станислава Караиванова од кои Димитар Поп Георгиев Беровски го превземал и го однел кон селот Разловци каде што за првпат било развеано лично од водачот на востанието Димитар Поп Георгиев Беровски пред Третото советување кај месноста Калаџерѓево.

Револуционерното знаме било истакнато од револуционерните чети и на самиот ден на востанието на што посведочиле самите жители на селото Разловци за потоа ова знаме никогаш повеќе да не им биде дадено на увид и дофат на жителите кои гинеле под него.
Во 2013 година по повод одбележувањето на 137 годишнината од кревањето на Востанието беше изработена копија на знамето на Разловечкото востание според прикажаниот опис погоре.
Оваа копија на знамето беше донесена симболички во село Разловци од страна на поголема група планинари кои во рамки на одбележувањето на денот на востанието учествуваа во планинарски марш од с. Тработивиште до село Разловци.
Влезот на знамето во селото беше пречекано од голем број жители на Разловци со голем аплауз и воодушевување, со рапорт беше предадено на Градоначалникот на општина Делчево со завет да се чува од Разловчани како што се чува споменот на востанието во Спомен домот на Разловечко востание во центарот на село Разловци.

На 12 март во 2014 година разловчани ги посети Претседателот на Република Македонија Проф. Д‑р Ѓорѓе Иванов кој се поклони пред копијата на знамето на Разловечкото востание кое претходната година беше положено во Спомен домот на Разловечкото востание.

На 19 мај 2024 година пред знамето на Разловечкото востание се поклони Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој требаше за неколку денови потоа да ја формира новата Влада на Република Македонија.



