Сподели

После долги години перипетии, талкање низ лавиринтите на институциите и голем број на лични премрежја, конелчно пожарникарите во ТППЕ Делчево добиваат зголемен износ на своите плати.

Овој позитивен исход за делчевските пожарникари следува како резултат на заложбите на градоначалникот Иван Гоцевски за подобрување на стандардот на луѓето кои што својот живот секојдневно го изложуваат на ризик за доброто на целокупната локална заедница во Делчево но и пошироко во регионот.

Во изминатите години припатниците на ТППЕ Делчево беа втурнати во долготрајни судски процеси поради неодговорното однесување на локалните власти кон трудот и посветеноста на пожарникарите, за што по судски пат мораа да ги наплатуваат своите макотрпно и со закон заработени пари.

Со доаѓањето на новиот градоначалник Иван Гоцевски во Општина Длечево ова прашање е решено на најдобар начин во интерес на делчевските пожарникари, кои може сега посигурно да ја планираат својата егзистенција паралелно додека професионално си ја работат својата работа.

Во врска со овие новитети за делчевските пожарникари свое соопштение преку социјалните мрежи во јавноста упати Градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски:

“Денеска бев во посета на просториите на Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Делчево, каде што остварив работен разговор со командирот на ТППЕ Делчево, Сашко Поповски, како и со пожарникарите. При посетата бев запознаен со новите донации и подобрувањата во опременоста на службата, кои значително ги унапредуваат условите за нивната работа.

Разговаравме за потпишувањето на Колективниот договор, со кој пожарникарите во Делчево добија повисоки финансиски примања. Сметам дека ова е заслужено признание за нивната пожртвуваност, храброст и секојдневна подготвеност да одговорат на секој предизвик во заштитата на граѓаните и имотот.

При увидот во просториите, изразивме благодарност и до општествено одговорните компании кои донираа висококвалитетна опрема – заштитни маски, панталони, маици/блузи, чизми и друга неопходна опрема, со што директно се придонесува за поголема безбедност и ефикасност на пожарникарите.

Како градоначалник, останувам цврсто посветен на континуирана поддршка и унапредување на условите за работа на ТППЕ Делчево, бидејќи силна и добро опремена противпожарна служба значи поголема безбедност за сите наши сограѓани.”

-напиша на социјалните мрежи Иван Гоцевски- Градоначалник на Делчево.