Најава за одржување на Форум со дијаспората во Делчево
Врз основа на програмските определби на Градоначалникот на општина Делчево кои што подразбираат интензивна соработка со сите инволвирани страни во локалниот економски развој на Делчево, во понеделник со почеток во 12.00 часот во салата во Спомен домот АСНОМ во Делчево ќе се одржи првиот Форум со припадници на делчевската дијаспора од целиот свет.
На настанот се поканети претставници на здруженија на Македонците по потекло од Делчево од сите континенти, кои што во овој период се наоѓаат во родниот град, како и успешни бизнисмени по потекло од Делчево а кои што работат на сите светски меридијани.
На настанот ќе има свое обраќање Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски, припадници на општинската администрација но и ќе биде отворена поширока дебата со сите присутни за можностите за меѓусебна соработка и поддршка на активности од заеднички интерес.
“Имаме особена чест и задоволство да Ве поканиме на Форум со дијаспората, кој ќе се одржи на:
11 август 2026 година
12:00 часот
Спомен дом АСНОМ, Делчево
Форумот има за цел да ја зајакне соработката и врските со нашата дијаспора, да отвори нови перспективи за развој и да поттикне идеи за идни проекти.
Вашето присуство ќе биде од големо значење за успешноста на настанот.”
-напишаа на социјалните мрежи од Општина Делчево во врска со овој настан.
