Гоцевски: Честитки за организаторите на Голак Трејлс, Делчево има потенцијал за развој на спортот и рекреацијата
Уф каков ден. Денеска од раните утрински часови неколку стотици натпреварувачи, организатори, волонтери и поддржувачи беа дел од една несекојдневна и динамична приказна која го привлече вниманието на пошироката спортска и рекреативна јавност не само во Делчево туку и пошироко во регионот.
“Голак Трејлс 2026” беше настан кој обедини спорт, локални бизниси и културни содржини на едно место за незаборавен неделен ден исполнет со многу дружење, заедништво но пред се натпреварувачки дух и челичење на карактерот и спортскиот потенцијал на натпреварувачите.
Двете планински маратон- патеки за трчање беа особено атрактивни за натпреварувачите затоа што се протегаат низ разновиден и богат со изобилие на флора и фауна географски предел, од бреговите на реката Брегалница низ различни шумски појаси на планината Голак до широките пејсажни погледи кон волшебниот Пијанец.
Но најмногу од се што го плени духот и мотивацијата на учесниците беше позитивниот натпреварувачки дух пренесен од организаторите на овој настан кои што покажаа дека си ја знаат работата и си го сакаат родното Делчево на вистинскиот начин.
По завршувањето на официјалниот дел од трката за учесниците на “Голак Трејлс” оваа годуна организаторите се погрижија да добијат уште едно позитивно искуство на гастрономски и музички настан која што го задржа вниманието до крај на сите посетители и учесници на овој настан во центарот на Делчево.
Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски беше помеѓу учесниците на денешниот настан и со својот кредибилитет и определба најави развој на овој настан уште повеќе во периодот што следува, со поголема поддршка од страна на општината и локалните институции.
“GOLAK TRAILS – СПОРТ, ПРИРОДА И ЉУБОВ КОН ГОЛАК!
Денеска Голак повторно покажа дека има огромен потенцијал за спорт, рекреација и планински туризам. Golak Trails донесе одлична енергија, многу учесници, дружење и вистинска спортска атмосфера.
Упатувам искрени честитки до организаторите за одличната организација, посветеноста и идејата преку еден ваков настан да ги промовираме убавините на Голак и Делчево.
Општина Делчево секогаш ќе застане зад ваквите настани и ќе ги поддржува сите добри иницијативи кои носат спорт, дружење, посетители и позитивна енергија во нашиот град.
Им честитам на организаторите за одличната организација.
Продолжуваме заедно да го градиме Делчево како место во кое спортот живее, а Голак како дестинација која заслужува да биде препознаена многу пошироко!”
-напиша на социјалните мрежи во врска со овој настан Градоначалникот Гоцевски.
На настанот како гости присуствуваше и делегација на Черномељ од Словенија предводена од нивниот градоначалник, кој што беше воодушевен од денешниот настан во Делчево.

