Блескави резултати и впечатоци од настапот на ФГ “Вапцаров” Делчево на Меѓународен фолклорен фестивал во Република Српска
Фолклорната група „Вапцаров“ при НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, во периодот од 3 до 6 јули, успешно учествуваше на 36. Меѓународен фолклорен фестивал „Косидба на Балканот – Меморијал Лазар Лакета“–Мркоњиќ град, Република Српска, каде достојно ги претстави македонската традиција, фолклор и културно наследство.
На фестивалот, членовите на фолклорната група настапија со богата програма составена од традиционални македонски ора, песни и автентични народни носии, предизвикувајќи голем интерес и искрени аплаузи од публиката и останатите учесници.

Учеството на оваа значајна меѓународна манифестација претставува уште една потврда за посветената работа на ансамблот во зачувувањето, негувањето и афирмирањето на македонското нематеријално културно наследство. Воедно, фестивалот овозможи нови културни контакти, размена на искуства и дружење со фолклорни ансамбли од повеќе земји.
НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево и Фолклорната група „Вапцаров“ продолжуваат со својата мисија достојно да ги промовираат градот Делчево и Република Македонија на домашната и меѓународната културна сцена, придонесувајќи кон зачувување и пренесување на богатото фолклорно наследство на идните генерации.
Извор: НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево
