Гласот и потребите на граѓаните стигнуваат кај надлежните кои превземаат конкретни чекори за решавање
Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски денеска со свое соопштение ја информираше целокупната јавност дека Вториот приоритет избран од страна на граѓаните на Буџетскиот форум кој што се реализираше пред само некоја недела, денес добива своја конкретна материјализација во форма на проект.
Станува збор за изборот на граѓаните со кој што се укажува на потребата за изградба на нов втор службен влез за просторните капацитети на Итната медицинска помош во Делчево со цел за создавање на подобри услови за здравствена грижа за сите граѓани, каде што секунди се од пресудно значење во поедини критични случаи за спасување на нечиј живот.
“Второто најприоритетно барање произлезено од Буџетскиот форум оваа година– обезбедување пристапен пат за возилата на Итната медицинска помош – ќе се реализира во текот на 2026 година!
Денеска, заедно со директорката на Здравствениот дом во Делчево, д‑р Билјана Ѓeорѓиевска извршивме увид и остваривме работен состанок за трасирање на пристапен пат кој ќе биде наменет за возилата на Итната медицинска помош и растеретување на движењето во самиот круг на Здравствениот дом.
Со ова решение ќе се овозможи побрзо, побезбедно и поефикасно движење на возилата во просторот во и околу Здравствениот дом.
Воедно, заедно со директорката ги разгледавме и реновираните и уредени простории во детското одделение, кои значително ги подобруваат условите за најмладите пациенти и медицинскиот персонал.
Договоривме и уште многу други заеднички проекти и слободно можеме да кажеме дека Општина Делчево и Здравствениот дом стануваат вистински партнери во подобрување на условите во интерес на персоналот и пациенти од нашата општина.”
-напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски.
