
После повеќегодишната агонија во (не)работењето на Јавното Комунално Претпријатие “Брегалница” Делчево конечно ова значајно локално претпријатие кое има функција на крвоток на општината, излегува од сивилото за да си ја врши определената функција која по закон е доверена.
Денеска со свое соопштение во јавноста се обратија од претпријатието за да информираат за започнатата акција за одржување и уредување на јавните простори во Делчево за поквалитетен животен стандард за сите граѓани.
Екипи на претпријатието го чистеа кејот на мини коритото на реката Брегалница во централното градско подрачје во Делчево со чистење на крошните на запуштените дрвја кои што треба да му дадат посебен убав белег на овој простор.

“Грижата за животната средина започнува со конкретни дела. Денеска ЈКП „Брегалница“ – Делчево реализираше активности за чистење и уредување на просторот кај пешачката патека на кејот на реката Брегалница.
Во рамки на акцијата беше извршено кастрење на гранки и отстранување на вишокот вегетација, со што се придонесува за побезбедна, почиста и поубава средина за сите граѓани.”
-напишаа на социјалните мрежи од ЈКП “Брегалница” Делчево.

