
Претставници на сите институции во Делчево денеска положија букети со свежо цвеќе и се поклонија пред споменикот на идеологот на Македонската револуционерна борба за слобода Гоце Делчев.
Делегација на Општина Делчево предводена од Градоначалникот Иван Гоцевски, како и претставници на локалните институции и здруженија на граѓани беа дел од денешното чествување, кое што продолжува во Конгресната сала во гимназијата “М.М.Брицо” во Делчево со историски час посветен на ликот и делото на Делчев.
На денешен ден пред 154 години во Кукуш е роден Ѓорги Гоце Делчев кој што уште во времето на неговите училишни денови пројавил револуционерни активности.
Неговата учителска дејност која ја вршел по формализирање на неговото образование неминовно била силен поттстрек за револуционерната дејност која го следеле до крајот на неговиот краток живот.
Со неговиот стратешки ум и силна филозовска мисла длабоко проникнал во суштината на борбата за национална слобода и со свои залагања истата ја разработил на силни идеолошки основи кои што до ден денес се силен патоказ за денешните генерации Македонци
Од 1950 година некогашното Царево Село го добило името на Гоце Делчев со одлука на тогашните власти како резултат на значењето на револуционерната дејност која што ја имал Гоце Делчев на територијата на денешно Делчево.
Името на Гоце Делчев во Делчево го носат и Културно уметничкото друштво “Гоце Делчев”, Здравниот дом во Делчево, една улица и градскиот парк во центарот на Делчево пред Спомен дом АСНОМ.
