Неодамна исчистеното корито на Ѕвегорска река покрај Манастирот Св. Илија, с. Ѕвегор повторно цел на “ѓубраџии”
Иако пред неколку недели од страна на граѓани-волонтери беше темелно исчистено од наноси и наталожено ѓубре коритото на Ѕвегорска река покрај Манастирскиот комплекс “Св. Илија” во село Ѕвегор, денес неодговорни граѓани повторно почнале да фрлаат ѓубре и предмети во водотекот на реката.
Од управата на Манастирот апелираат до свеста на сите граѓани ваквото неодговорно однесување да престане, затоа што покрај тоа што го загадува целото подрачје на водотекот, го нарушува и визуелно-преубавиот предел кој што го опкружува самиот манастир.

Манастирот Св. Илија во село Ѕвегор како и сите придружни објекти се градени од вредните мајсторски раце на Ѕвегорци кои се надалеку прочуени по своите градителски вештини.
Манастирскиот комплекс “Св. Илија” во село Ѕвегор е преотстапен на управување на отец Висарион од делчевско- каменичката епархија со која управува епископ Марко.
Во непосредна близина на Манастирот Св. Илија се наоѓа природно-геолошкиот локалитет “Илин Камен”, околината изобилува со преубава разноврска дабова и зимзелена шума а самиот комплекс се наоѓа покрај меѓународниот пат кон соседна Бугарија.
Голем број туристи-посетители на поминување застануваат да наполнат од светата вода во манастирскиот двор за која се верува дека има исцелителна моќ за повеќе здравствени проблеми.
На празникот посветен на пророкот Свети Илија на 2 август- Илиден во манастирскиот комплекс се организира надалеку познат световен собор со делење на празничен ручек- настан кој го посетуваат над 2000 луѓе секоја година.









