Македонските интелектуалци против ултиматумот за промена на уставното име на државата

Сподели

Огромен број на Македонски интелектуалци, професори, активисти, академици и стопанственици со отворено писмо упатено до политичките елити во државата застанаа против ултиматумот за промена на уставното име на Република Македонија.

Во повикот оваа огромна и значајна група на граѓани најпрвин истакнуваат дека:

1) Република Македонија е мирољубива членка на меѓународната заедница, и нема ниту еден активен спор со ниту една држава членка на ОН. Нашето право на самоопределување и на самоидентификација не потекнуваат од 1991 година, туку се резултат на историски процес на самоафирмација и на борба за сопствена држава која симболично започна со првиот Илинден во 1903 година, а беше крунисана со вториот – со Заседанието на АСНОМ од 1944 година. Третиот Илинден, од 8 Септември 1991 година беше само чин на континуитет, легитимиран со наодите на Извештајот на Бадинтеровата комисија и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година.

2) Приемот на Република Македонија во ОН беше извршен со флагрантно кршење на Повелбата, при што на државата ѝ беа наметнати два дополнителни и згора нелегални услова – обврска во меѓународните односи да биде претставувана под референцата „БЈРМ“, како и да разговара со Грција околу разликите во врска со името. Поради слабоста на државата, неспособната дипломатија и плашливото и субмисивно државно водство, разговорите прераснаа во преговори. Денеска сме исправени пред ултиматум да го промениме уставното име на државата, нашата заедничка политичка заедница.

3) Одлучувањето за ова прашање излегува од рамките на уставот утврдените надлежности на носителите на власта. Никој, вклучително и Владата, Собранието и Претседателот на Републиката, нема уставно овластување да одлучува за промена на името, дури и ако е „само“ за меѓународна употреба. Ветувањето дека народот ќе одлучи на референдум, исто така, не е засновано ниту на Устав ниту на закон, бидејќи за промена на името на државата, а особено за одредбите за идентитетот, не постои норма од позитивното право за распишување референдум, ниту консултативен ниту задолжителен.

4) Во изминатите 27 години, дури 137 држави нѐ признаа под уставното име, а нашите официјални државни претставници во меѓународната комуникација го користат уставното име (the Repub­lic of Mace­do­nia, во англиската комуникација). Интелектуалците, културните работници, писатели, научници, уметници, лекари и професионалци од сите области, со своите меѓународни постигнувања успеаја да се изборат нивните колеги и партнери да ги почитуваат и да ги ословуваат на начин вообичаен за сите други државјани на трети земји.

За авторот на оваа објава