Сподели

Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски врз основа на своите програмски определби веќе подолго време работи на воспоставување на здрава основа на одржливи принципи за возобновување и реафирмација на меѓународната манифестација посветена на ликот и делото на големиот Македонски револуционер, идеолог, учител и патрон на Делчево, Гоце Делчев.

Откако повеќе години наназад беа реализирани неколку јавни настани со оваа намена и одржани безброј средби и консултации со повеќе граѓани, интелектуалци, историчари и културни дејци, конечно дојде времетo за официјализирање и возобновување на оваа манифестација.

Во среда по повод 154 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски и општинската администрација организираат чествување пред споменикот на Македонскиот револуционер во центарот на Делчево, а потоа во Конгресната сала при СОУ “Методи Митевски Брицо” во Делчево ќе се одржи пригодна свеченост за афирмирање на идеалите на Гоце пред учениците во гимназијата во Делчево но и пошироката јавност.

Со почеток во 11.00 часот пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на Делчево пригоден реферат ќе прочитаат членовите на КУД “Гоце Делчев” Делчево, по што официјални делегации на локални и национални институции ќе положат букети со свежо цвеќе и ќе се поклонат пред ликот и делото на Делчев во центарот на градот кој го носи неговото име.

Фото: Гоцеви денови 1991 во Делчево, историска фотографија

Со почеток во 12.00 часот во Конгресната сала при СОУ “М.М.Брицо” Делчево ќе се одржи историски час од страна на професори од Делчево во врска со значењето на животното дело на Гоце, а особено неговата дејност и активност на територијата на Пијанец и некогашно Царево Село и атарите на околните села на овој простор кој што денеска е во рамки на Општина Делчево.

На овој настан се очекува Градоначалникот на Општина Делчево да изнесе краток рекапитулар за созревањето на идејата за возобновување на Манифестацијата посветена на Гоце Делчев во изминатите неколку години спроведените активности, но пред се за целите и активностите кои се превземаат и ќе бидат превземени во наредниот период во контекст на афирмација на оваа особено значајна манифестација како за Делчево, така и за Република Македонија.