Сума:
loading...

Општо за настанот

Термин: Настанот се организира од 2012 година секоја година на 24-ти мај.

Локација: Соборна црква “Св Кирил и Методиј”, центар на Делчево, двор на СОУ “М.М.Брицо” Спомен дом АСНОМ.

Организатор: Општина Делчево

На иницијатива на Неговото Високо Преосвештенство, Митрополитот Брегалнички г-дин Иларион доставена до Советот на Општина Делчево 24-ти Мај е прогласен за патрон празник на Општина Делчево, а Светите браќа Кирил и Методиј се прогласени за патрони и заштитници на општината.

За првпат одбележување на 24-ти Мај како патрон на градот Делчево-Најава за настанот 05.05.2012

Откако со одлука на Советот на општина Делчево, 24-ти Мај денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј беше прогласен за патрон на градот Делчево, оваа година во четврток 24.05.2012 година за првпат овој празник ке биде одбележан во во тоа својство.

За одбележување на тој ден предвидена е свечена програма и настани во организација на општина Делчево.

Се покануваат сите граѓани на општина Делчево и други посетители да земет што е можно помасовно присуство на манифестацијата, со цел за достојно одбележување.

Програмата со распоред на активностите е дадена како што следува:

08:00 – 10:00

Архиерејска Света Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во градскиот парк со која ќе чиноначалствува Митрополит Брегалнички г-дин Иларион

10:00 – 10:10

Литија (од храм Св. Кирил и Методиј до двор на средно училиште „М.М.Брицо“ Делчево)

10:10 – 10:20

Славски колач, мал водосвет

10:30 – 11:00

Свечена седница на Советот на општина Делчево(голема сала за свечености во  спомен дом АСНОМ)

  • Поздравен говор на г-дин Горан Mалешевски - Градоначалник на општина Делчево
  • Обраќање до присутните за значењето на „Св.Кирил и Методиј-просветители и покровители на општина Делчево“ - Митрополит Брегалнички г-дин Иларион
  • Читање на најдобрите творби од литературниот конкурс на тема „Св.Кирил и Методиј“ и доделување на благодарници

11:00 - 11:40

 Свечена програма

  • Настап на хор при ООУ „Ванчо Прке“
  • Настап на хор при ООУ „Климент Охридски“
  • Настап на хор при СОУ „М.М.Брицо“

11:40 – 12:00

Свечен коктел

За првпат одбележан празникот Св. Кирил и Методиј како патрон на градот Дeлчево-Информација за настанот 25.05.2012

Во четврток 24.05.2012 година во Делчево со низа на свечености и повеќе настани, за првпат беше одбележан празникот "Св.Кирил и Методиј" како патрон на градот.

Свечената програма започна во 08.00 часот во црквата во изградба Св.Кирил и Методиј, каде Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г.Иларион служеше света архиерејска литургија по повод овој голем празничен ден, пред неколку стотина граѓани кои за првпат ја посетија оваа црква на богослужба која 12 години е во изградба.

На литургијата присуствуваа градоначалникот на општина Делчево Горан Малешевски, со повеќе претставници од општинската администрација, Претседателот на Советот на општина Делчево Николче Трајановски, со дел од советниците во советот, претставници на повеќе локални институции, Тони Трајановски-пратеник во Собрание на РМ, како и претставници на политички партии од Делчево.
По завршувањето на светата архиерејска литургија, поворка од неколку стотина граѓани тргнаа кон местото на урнатата црква во дворот на СОУ ММ Брицо, со вршење на света божествена литија каде на местото на кое се наоѓала црквата Св.Кирил и Методиј која во 1961 година била срушена пред налетот на безбоштвото на бившиот комунистички режим, со кршење на славски колач и водосвет од страна на владиката г.Иларион се возобнови споменот за оваа црква. Од страна на Митрополитот Брегалнички г.Иларион заедно со Градоначалникот Малешевски беше најавена изградба на мал црковен параклис на темелите на урнатата црква, кој ке сведочи за овој древен верски храм кој повеќе го нема. Параклисот ке го носи името на ученикот на светите браќа Кирил и Методиј-"Св.Климент", со што во Делчево ке се заокружи еден духовен и просветителски круг во чест на овие светци и просветители.
Одбележувањето на овој голем христијански народен празник продолжи во Спомен домот АСНОМ во Делчево каде Советот на општина Делчево одржа свечена седница на која присуствуваа покрај официјалните гости и повеќе граѓани од општината. Во свечен говор на седницата, градоначалникот Горан Малешевски ја изнесе важноста и големината на овој празник, како и мотивите и околностите кои допринесоа градот Делчево да го добие овој ден за свој патрон.
Како најзаслужен во прогласувањето на 24-ти Мај- денот на Св.Кирил и Методиј за патрон на Делчево секако е Mитрополитот Брегалнички г.Иларион кој пред повеќе месеци назад предложи иницијатива за прогласување на овој ден, по што со одлука на Советот на општина Делчево овој празник беше констатиран како патрон на Делчево.
Од страна на градоначалникот Малешевски на неговото Високопреосвештенство г.Иларион му беше доделена плакета за особен придонес во прогласувањето на овој ден, како патрон на Делчево.
Понатаму во рамки на програмата пред присутните се обрати г.Иларион кој со вознес зборуваше за значењето и величината на овој празник, како и улогата на светите браќа Кирил и Методиј која ја имале од почетокот на нивните земски животи па до денес кога целото православие и воопшто човештво го слави и празнува нивното дело. Од името на црквата, од името на Светиот Архиерејски Синод, г.Иларион посака благосостојба за граѓаните на Делчево, и воопшто целиот македонски народ каде тој и да се наоѓа.
Во рамки на свечениот дел од програмата хорови од локалните училишта исполнија повеќе празнични мелодии пред присутните, а на наградените ученици во рамки на ликовниот и литературен конкурс, кој што беше распишан по овој повод, од страна на претседателот на Советот на општина Делчево им беа доделени Дипломи за постигнат успех.

Со желба на сите присутни овој празник да ја доживее својата вечност, како патрон на Делчево, засекогаш да претставува темел на обединувањето на македонскиот народ, и појдовна точка за целокупниот напредок на македонското општество, одбележувањето на овој ден во ова својство за општина Делчево и цела Македонија, претставува еден светол ден кој ке остане да се памети во иднина, како празник за кој идните генерации ке чествуваат и говорат.

Општина Делчево со пиетет чествуваше за Св.Кирил и Методиј 24.05.2013

Во петок 24.05.2013 година со почеток во 08.00 часот започна одбележувањето на празникот на "Св.Кирил и Методиј-просветители и покровители на општина Делчево".

Според предвидената програма одбележувањето на овој значаен ден започна со литургија во соборниот храм во изградба кој го носи името на светите браќа со која чиноначалствуваше неговото високо Преосвештенство Митрополитот Брегалнички г.Иларион. По завршување на литургијата се одржа света литија до местото каде порано се наоѓала црквата Св.Кирил и Методиј во дворот на СОУ ММ Брицо која во 1963 година била срушена од страна на тогашниот режим. Градоначалникот на Општина Делчево заедно со Митрополитот Иларион во оваа прилика на местото на поранешниот храм прекршија славски колач во знак на одбележување на овој историски факт.
Со почеток во 12.00 часот во Спомен домот АСНОМ се одржа свечена седница на Советот на Општина Делчево на која пред присутните се обрати Градоначалникот на Општина Делчево г-дин Дарко Шехтански како и Митрополитот Брегалнички г. Иларион кои го истакнаа значењето и улогата на Светите браќа Кирил и Методиј како од историски така и од просветителски аспект во рамки на нивната дејност. Потоа од страна на советниците на Советот бепе денесена одлука со акламација со која беа прогласени добитниците на овогодинешната награда "Св.Кирил и Методиј" која што Општина Делчево за првпат ја доделува за афирмација и придонес за развојот на Општина Делчево во определени категории.
По доделувањето на плакетите и наградите од објавените ликовен и литературен конкурс следуваше читање на наградените литературни творби од страна на добитниците на наградите.
Со почеток во 12.30 часот се одржа свечен концерт на хорот при АКУД Мирче Ацев од Скопје по што одбележувањето заврши со свечен коктел во фоајето во Спомен домот АСНОМ.

Настап на АКУД Мирче Ацев- Скопје во Делчево, 24.05.2013

 

Видеото од настапот на АКУД "Мирче Ацев" од Скопје може да го погледнете на сл. линк тука.

 

Конкурс за ликовни творби за 24 мај- Св.Кирил и Методиј 05.05.2014

Врз основа на член  55 од Статутот на Општина Делчево (“Сл. гласник на општина Делчево”  бр. 12/06),  Комисијата за организирање на настани и културни манифестации при Општина Делчево, по повод „24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“, распишува:

К о н к у р с
за доделување на  награди  за ликовни творби посветени на „24 мај- Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“

Со ликовни творби (во сите техники)  посветени на 24 мај-Св.Кирил и  Методиј: покровители и просветители на општина Делчево, може да се конкурира во три категории и тоа:

1. Ученици од основните училишта (од 6-9 одделение)

2. Ученици од средното училиште

3. Возрасни автори

За секоја од трите категории ќе се доделат: прва, втора и трета награда.
Наградите во  сите категории  се  состојат од диплома и книги.
Ликовните творби посветени на „24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“ треба  да се достават во 1(еден) примерок, во шифрирана форма и тоа: 

* во посебен плик да се стават податоците за авторот(име, презиме, адреса, телефон, за учениците се доставува и: училиште, клас и професор-ментор), пликот да е затворен и на него да се напише шифрата и назнака „Конкурс за доделување на награда за ликовни творби посветени на 24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево “ .

* на позадината на творбата да се напише само шифрата и да се прикачи пликот со податоците за авторот.

Творбите да се достават до Архивата на општина Делчево на адреса „Светозар Марковиќ“ 1, Делчево.

Изборот на наградените ќе го изврши Комисија формирана за оваа намена.

 Конкурсот трае заклучно со 22.05.2014 година (четврток). Творбите доставени  по истекот на рокот наведен во конкурсот нема  да  се разгледуваат.

  

Општина Делчево

Комисијата за организирање на настани

 и културни манифестации

Конкурс за доделување на награди за литературни творби посветени на 24 мај-Св.Кирил и Методиј 05.05.2014

 

Врз основа на член  55 од Статутот на Општина Делчево (“Сл. гласник на општина Делчево”  бр. 12/06),  Комисијата за организирање на настани и културни манифестации при Општина Делчево, по повод „24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“, распишува:

К о н к у р с
за доделување на  награди  за литературни 
творби посветени на „24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“

Со литературни творби (поезија и проза) посветени на  „24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“, може да се конкурира во три категории и тоа:

1.Ученици од основните училишта (од 6-9 одделение)

2. Ученици од средното училиште

3. Возрасни автори

За секоја од трите категории ќе се доделат: прва, втора и трета награда.
Наградите  се  состојат од диплома и книги.

Литературните творби посветени на „24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“ треба  да се достават во 3 (три)  печатени примероци, во шифрирана форма и тоа: 

* во посебен плик да се стават податоците за авторот и пликот да е затворен и на него да се напише шифрата.

* Творбата и пликот со податоците за авторот да се стави во друг плик на кој ќе е напишана   адресата :  Општина Делчево „Светозар Марковиќ“ 1, со назнака на горниот десен агол „Конкурс за доделување на награда за литературни творби посветени на 24 мај-Св.Кирил и Методиј: покровители и просветители на општина Делчево“  и шифрата.

Творбите да се достават до Архивата на општина Делчево на адреса „Светозар Марковиќ“ 1, Делчево.

Изборот на наградените ќе го изврши Комисија формирана за оваа намена.

Конкурсот трае заклучно со 22.05.2014 година (четврток). Творбите доставени  по истекот на рокот наведен во конкурсот нема  да  се разгледуваат. 

Општина Делчево

Комисијата за организирање на настани

и културни манифестации

 

Делчево со пиетет го одбележа денот на своите просветители и покровители Св.Кирил и Методиј 24.05.2014

 

Денеска во Делчево на убав и достоинствен начин се одбележа денот на Св.Кирил и Методиј-просветители и покровители на Делчево.
Празнувањето започна рано наутро со утринска света литургија во новата соборна црква Св.Кирил и Методиј, во новоизградената крстилница посветена на Св,Наум. Со литургијата чиноначелствуваше Неговото Високо Преосвештенство Митрополитот Брегалнички г.Иларион во сеслужение со свештеници од брегалничката епархија и делчевското архиерејско намесништво.На светата литургија беа присутни Градоначалникот на Општина Длечево г-дин Дарко Шехтански, вработени во ЕЛС ДЕлчево, и голем број на верници кои дојдоа на литургијата.
По литургијата мноштвото на присутни граѓани се упатија на света литија кон дворот на СОУ ММ Брицо во Делчево на местото каде до 1961 година се наоѓаше светиот храм посветен на светите браќа Кирил и Методиј. Овде на свечен начин беше и исвршен водосвет и од страна на присутните беше поделен славски колач во спомен на ова свето место.
Со почеток во 11.30 часот во Спомен домот АСНОМ во Делчево се одржа свечена седница на Советот на Општина Делчево на која свој пригоден говор имаа Претседателот на Советот г-дин Драган Христов, Градоначалникот на Општина Длечево г-дин Дарко Шехтански и г.Иларион.
Во продолжение на најуспешните ученици при двете основни училишта во рамки на литературниот и ликовниот конкурс реализирани по повод одбележувањето на овој ден, им беа доделени наградите од страна на Градоначалникот.
За крај од страна на членовите на КУД Никола Јонков Вапцаров од Делчево беше прикажана пригодна фолклорна програма.

Делчево го чествува својот патрон празник Св. Кирил и Методиј – просветители и покровители на општина Делчево 24.05.2015

Во чест на патрониот празник на Делчево деновиве со низа културни настани се оддава почит на светите браќа, сесловенските просветители – Св. Кирил и Методиј.
Во петокот по претходно распишаниот меѓународен конкурс на афоризам и карикатура кој е дел од фестивалот „Пијанец 2015“ за кој твореа автори од цел свет на тема „Внимавај, човек“, на официјална прес-конференција беа прогласени победниците на фестивалот. Главната гала вечер на афоризми со оглед на сатиричниот и афористичниот карактер планирано е како и минатите години традиционално да се одржи во септември за што јавноста ќе биде дополнително известена.
Во саботата пак Општина Делчево, предводена од градоначалникот Дарко Шехтански организираше забава за најмалите. На летната сцена во Градскот парк настапи хорот Златно славејче. Водител на целиот настан беше познатиот македонски пејач Влатко Илиевски. На крајот од едночасовната забава, беше приредено едно мало изненадување за присутните дечиња кои од орагнизаторот добија сокчиња - ВИВА, како освежување од топлото време.
Недела со почеток од 07.00 часот во новоизградениот дел од храмот „Св. Кирил и Методиј“се одржа Света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г. Иларион.
Во 10:00 часот со свечена литија присутните верници се упатија кон средното општинско училиште „Методија Митевски - Брицо“, во дворот на училиштето, на местото каде пред 54 години постоела црква која го носела името на словенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, но била урната од тогашниот режим. По тој повод неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион заедно со Градоначалникот на Општина Делчево г-дин Дарко Шехтански прекршија славски колач.
Во рамки на предвидената програма со почеток во 11:00 часот, градоначалникот Шехтански го пушти во употреба реконструираното детското игралиште на улицата Кеј на Ослободување во населбата Ново Делчево и истото беше осветено од Митрополитот Брегалнички г. Иларион .
Станува збор за реконструкција и ревитализација на површина од 1350 метри квадратни во кои е изградено ново детско игралиште со димензии 25х36 односно 900 метри квадратни, при што е поставена урбана опрема (лулашки, клацкалки, лизгалка и други пластични елементи), поставени се места за седење и електрично осветлување, извршено е и хортикултурно и партерно уредување.
Со пуштањето во употреба на реконструираното детско игралиште во површина од 1350м2 , изградениот паркинг простор со корисна површина од 910 м2 за вкупно 39 паркинг места, новиот градски парк покрај кејот на река Брегалница со површина од 9100м2 и предходно изградениот парк со езерца кај споменикот на Гоце Делчев, како и двојниот терен за тенис кој е во процес на изградба покрај Градскиот стадион се добива огромна површина која делчевчани од сите возрасти ќе можат во своето слободно време да ја користат за спорт,рекреација и дружење со своите најблиски.

СИТЕ ГАЛЕРИИ: Одбележување на 24 мај - Св Кирил и Методиј - просветители и покровители на Oпштина Делчево

 

ozio_gallery_nano

 

За авторот на оваа статија:
The Crator
Author: The CratorWebsite: http://www.reevolucioner.blogspot.comEmail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Сопственик на домен, дизајнер, програмер, развој и авторство на концепт, уредник, фотограф, автор на текстови, едитор, маркетинг промотор
Краток опис:
Катализатор за успешна реакција на котелот наречен современие.
Други најнови статии од авторот:

Наши пријатели

loading...
Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна