Сума:
loading...

Општо за настанот

Термин:Настанот се одржува секоја година на 04-ти  февруари

Локација: Центар на Делчево, Споменик на Гоце Делчев, други локации по потреба.

Организатор:Општина Делчево

Приказната за настанот

Одбележувањето на овој датум се реализира секоја година со пригодна свеченост, во спомен на раѓањето на мекедонскиот револуционер и идеолог на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев,  чие што име го носи општината Делчево од 1950 година.

Во настанот традиционално секоја година учество зема и  КУД "Гоце Делчев" Делчево чиј што патрон е исто така големиот мекедонски револуционер.

За раните години од животот на Гоце Делчев

Ha 23 јануари 1872 година*, Никола Делчев убаво и стегнато облечен, како и секогаш, со раката ставена во широкиот појас како да држи нагант, чекореше по кукушките улици уште погордо и достоинствено, на пат за својата меана. Тој ден неговата кротка и убава Султана, по која пред неколку години испрати стројници да ја бараат за него дури во Мирарци, по три женски деца му роди син, наследник на името, на имотот и продолжувач на фамилијата Делчевци која којзнае пред колку години се населила во ова прекрасно гратче. Султана ќе му роди на Никола уште три ќерки и тројца синови, но радоста, што ја чувствуваше тој во тоа студено јануарско утро, нема да се повтори со онаа иста силина што ја почувствува при веста дека одимал прва машка рожба, чувство познато и денес во секое македонско семејство.

Детето го крстија Георги, но тоа име ќе остане забележано само во книгата на новородените и во училишните свидетелства, зашто името, што мајка му ќе му го даде од милост на својот првороден син — ГОЦЕ, ќе остане име кое по дваесетина години ќе допре до последното катче на Македонија и ќе стане симболот и знамето околу кое измачениот македонски роб ќе ги вплете сите свои надежи и стремежи за слободен и достоен за човека живот.

Тој ден ниту Никола, ниту Султана, ниту кој и да е од кукушките граѓани можеа да помислат дека Македонија го доби човекот што ќе отвори нова страница во нејзината историја.

А Кукуш — и по својата географска положба и по етничкиот состав на своите жители и особено по своето бурно и богато историско минато како да беше предодреден токму во него да се роди најголемиот син на Македонија — ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ.

На последните разграноци од Круша планина, онаму откаде што започнува широкото поле што допира до Солун и до брегот на синиот Егеј, a на Запад до реката Вардар, на ридот „Свети Георги“, се извишил Кукуш, градот кој уште во средината на XVIII век стана стопански и административен центар на околу 140 села. Неговото население, како и населението на целата околина, е чисто македонско. Од 2.000 куќи, колку што имаше во седумдесетиге години на минатиот век, само околу 50—60 беа турски, групирани во одделно „турско маало“, најсиромашниот дел на градот. Малубројните кукушки Турци го остваруваа својот поминок од стопанската дејност на своите сограѓани Македонци и живееја за неколку стапала пониско и во стопански и во културен однос од нив. И затоа Гоце, кој го помина своето детство тука, низ целиот свој живот и целата револуционерна дејност ќе ја застапува максимата: „Јас не ги мразам Османлиите како народ; јас војувам против османлиската тиранија како господаречка система“.

*Сметано стар стил

**Текстот е превземен од Биографијата на Гоце Делчев напишана од авторот Ванѓа Чашуле

Прочитај повеќе за животот и делото на Гоце Делчев на нашиот портал тука.

Најава за настанот на нашиот портал 04.02.2017

 

Во сабота 04.02.2017 година се одбележуваат 145 години од раѓањето на големиот македонски син, ревулуционерот и идеолог на македонското револуционерно движење, големиот Гоце Делчев.

Ширум државата овој празник ќе биде одбележан на најдостоинствен начин. Централното одбележување ќе биде во дворот на црквата "Св. Спас" во Скопје, каде се очекува бројни делегации да положат свежо цвеќе и да се поклонат пред ликот и делото на големиот револуционер.

Во организација на Градоначалникот на општина Делчево, г-динот Дарко Шехтански и општинската администрација во градот кој го носи името на Делчев, одбележувањето на овој настан ќе се реализира пред гордиот споменик на Гоце во центарот на Делчево.

Настанот е закажан за 10.30 часот а се поканети во него учество да земат сите институции, организации и поединци.

Одбележувањето на овој датум се случува во сенка на актуелната политичка криза. Ваквиот настан покрај церемонијалниот дел треба да биде и симбол на заедништвото и сплотеноста за сегашните генерации на македонци, кои што ги уживаат сите благодети на слободата. Тоа е истата таа слобода за која се бореле Гоце Делчево и неговите претходници, современици но и следбеници.

Затоа одбележувањето на овој значаен јубилеј зрачи со една голема и значајна порака да бидеме сплотени како народ, преку ликот и делото на револуционерите кои го положиле својот живот на олтарот на слободата за Македонија.

Официјалната покана за настанот во Делчево кја пренесуваме во продолжение.

 

Повеќе за Гоце Делчев прочитајте на нашиот портал тука.

Делчево со пиетет се поклони пред ликот и делото на Гоце Делчев 04.02.2017

Делчево денеска достојно и со гордост ја одбележа 145 годишнината од раѓањето на идеологот Гоце Делчев.

Како еден од водачите на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), големиот револуционер и борец за независност и слобода на Македонскиот народ, Гоце Делчев.е една од најмаркантните појави на дејци во македонската историја.

Со право неговите современици и генерации на револуционери подоцна сметаат дека тој е душата на организацијата, смислата на револуционерното дело и борба. Неговото влијание и обединувачки дух ќе остане синоним на македонското заедништво до ден денешен. Идеите за кои се борел, делата кои ги оставил зад себе, се незаменлив капитал за сите негови следбеници, генерации потоа.

Гоце Делчев е еден од главните стожери на македонската непрекината борба за слобода и дифиренцирање на посебноста на Македонскиот народ во морето од народи на земјината топка. Тој со својата габаритност на револуционер и деец за самобитноста на нашиот народ, претставува носечки столб на таа независност и државотворност која денес сите ние ја живееме.

По повод овој значаен јубилеј пред гордиот и маркантен споменик на Гоце Делчев во центарот на Делчево, со пиетет се поклонија голем број на општествени работници од Делчево.

Градоначалникот на општина Делчево г-динот Дарко Шехтански, претставници од општинската администрација, политички партии и други општествени организации положија свежо цвеќе пред споменикот чиј поглед скаменет говори за една непрекината историја на борба за опстанок на македонскиот народ во овие бурни и турбулентни времиња.

Видео: Обележување на 145 години од раѓањето на Гоце Делчев во Делчево 04.02.2017

На следниот линк тука проследете го видеото од одбележувањето на 145 години од раѓањето на Гоце Делчев во Делчево.

Галерии на наши фотографии од настанот во минатото

ozio_gallery_nano

За авторот на оваа статија:
The Crator
Author: The CratorWebsite: http://www.reevolucioner.blogspot.comEmail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Сопственик на домен, дизајнер, програмер, развој и авторство на концепт, уредник, фотограф, автор на текстови, едитор, маркетинг промотор
Краток опис:
Катализатор за успешна реакција на котелот наречен современие.
Други најнови статии од авторот:

Наши пријатели

loading...
Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна