Начело

Во текот на повеќегодишно работење, фотографирање, прибирање на информации, нивно грижливо и систематско архивирање кај мене како иницијаторот на овој интернет портал насловен амбициозно како Дестинација Делчево, се појави потреба за нивно презентирање во јавноста на најубав можен начин, согласно можностите и расположивото време. И тоа само со една цел: Да посведочат најубаво за времето кога се создадени како такви...Со оглед дека станува збор за непрофитна работа која во никој случај не е финансиски оправдана, единствена сатисфакција на авторот и иницијатор на Дестинација Делчево е онаа духовната како и можноста да го прикаже сопствениот роден град низ мноштвото на податоци, информации и фотографски материјал кој го имав на располагање во целиот овој изминат период. Дополнително како идеи се родија повеќе интересни концепти за доближување на делчевското секојдневие до пошироката јавност, што може да се погледне низ многубројните страници на порталов.

Секако голем број од информациите, фотографиите, видеата, приказните, кажувањата кои се застапени на овој интернет простор не беа можни без поголем број на луѓе со кои имав посебна чест да стапам во контакт и да ги обработам и адаптирам за потребите на овој портал. Тоа се приказни, кажувања, информации и фотографии кои нема да ги видите никаде на друго место, со автентичност и оригиналност во својата изворна форма.

06+st clement yard

Идејата за креирање на овој мој мал а сепак "мегаломански" проект, делумно лежи во далечната 2007 година кога од моја страна беше креиран и првиот блог за Делчево: "Делчево Денес". Потоа на големо беше подготвуван и информативниот портал Delcevo Global Online, кој постигна одредено ниво на развој, но поради недостиг на ресурси истиот моментално е во застој. Во времето во кое се појави овој портал беше не само единствен од ваков карактер, туку беше и во тек со сите модерни технолошки практики на интернет околина.

По овие два меѓници на мој личен ангажман за промоција на Делчево, следеше идејава за етаблирање на Дестинација Делчево како нов медиум кој верувам има што да понуди на неговите идни корисници.

За крај ќе ја споменам намерата за целосна отвореност за соработка со секој поединец кој би можел да придонесе во мојата и наша основна мисија, да го промовираме Делчево пред светот во пошироко рамки и притоа овозможиме негово подолгорочно егзистирање како интернет портал

Со почит

Авторот

Reevolucionerlogo4

 

Интернет порталот "Дестинација Делчево" е плод на повеќегодишна желба за претставување на една од најубавите општина во Република Македонија пред пошироката интернет заедница. Љубовта кон сопственото парче земја и родно огниште си го направи своето. Овој дел од светот под најубавото ѕвездено небо, оваа порта на сонцето низ која првите негови зраци ја галат Македонија, секое утро, претставува неразрешена мистерија, непронајдено богатство, бескрајна убавина и непресушна инспирација.

Со секој нов ден се поубав од претходниот, со свежина во духот, за целосно откровение на суштинските вредности во животот, ова магично жарче на копнеж кое влева силна енергија во телото и разумот на сопствениот народ, неприкосновено стои на браникот на динамичните современи трендови и процеси, кои задолжително свое гнездо наоѓаат и во Делчево.

Срцето на Пијанец, воздишка за навек на секој добронамерник кој ќе ги погледне мрзливите плеќи на оваа рељефна целина, исткаена и проникната со богатството на живот во негова вистинска смисла на зборот.

Само едно место на светот се нарекува дом...

А Делчево е дом за сите... Оние што доаѓаат, оние што заминуваат... А најмногу за оние кои живеат тука.

destination logo pointfinger

Почитуван посетителу!Да ти!

Човекот чиј што свет започнува од него самиот!

Чувствувај се невообичаено, посакај да го спознаеш Делчево во неговата вистинска слика... Најубавата!

Истражувај, сонувај, посакувај... Љубовта кон непознатото нека биде твоја мисла водилка, претстојувајќи на овој интернет портал, наменет токму за љубопитните.

Ако има надеж, веројатно Делчево е нејзиниот епицентар, зошто тука луѓето знаат да опстојат, без разлика на се. Гостопримството е реткост во светот, но и она малку што останало се чини е вдомено во прегратките на овој небесен раскош кој мечтае да биде доживеан.

Затоа ако барем малку успеавме да ја разбудиме твојата љубопитност, посети го Делчево, не затоа што сакаш да патуваш, туку затоа што овој сон преточен во реалност може да биде твој втор дом.

Твоја наредна дестинација... Дестинација Делчево....

Наши пријатели

Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна