Сума:
loading...

Motives from village of Razlovci

 

ФЕЉТОН 1 ДЕЛ


Сокриено како гнездо во најгорниот дел на Долно Поле со надвиснати куќи една над друга, распоредени по падините на Голак и Загазо, со лицето свртено кон изгрејсонцето се наоѓа востаничкото и револуционерно Разловци чии храбри жители со својата решителност испишаа светли страници во македонската историја. 

Разловци лежи на левата страна на реката Брегалница, на надморска висина од 707 метри и површина од 60км2. Првата гледка на Разловци, неговиот посетител ќе ја има откако ќе стигне до Овча Глава кога убавиот асфалтен пат ќе почне да се спушта надолу. Оттука Разловци плени со својата убавина, зеленилото на Долно Поле, многубројните пасишта, ливади и шуми, а по благите падинки распоредените разловечки колиби како монистра од тој прекрасен ѓердан.

Оваа местоположба на селото придонело уште од најстарите времиња оваа убавина да биде населена зашто сведочат старите живеалишта во околината на Разловци: Рајанец, Селиште, Градишен Чукар, Старото Село, Селото и др. Во некои од тие населби живот имало до Востанието. Најдоцна замрела населбата Селиште. Во досегашното постоење Разловци е познато како село Разлошница, Разловца и денеска Разловци.
Турските власти во 16в. направиле попис во Пијанечката нахија и под број 7 го попишале селото Разлошница. Таа била поделена на два турски чифлика и три баштини со 50 христијански семејства и 40 неженети. Годишно Разлошница имала данок од 4479 турски акчиња(турска монета).
За денешните разловчани не е познат топонимот Разлошница. Можеби тоа била населбата што разловчани ја викаат Старото Село, а двата чифлика Долно и Горно Поле.
Во 17 век во потрага за подобри животни услови, подгонети од турските власти 12-13 фамилии од Разлог и околината дошле во Пијанец и застанале кај жителите на населбата Рајанец во Долно Поле. Меѓу нив имало занаетчии како терзии, бојаџии, колари, ќуркчии и сл.
По некое време тие ја напуштиле Рајанец и одлучиле да дојдат во горниот дел на Долно Поле и почнале да ја чистат денешната местоположба на Разловци која во тоа време била со високи и големи дабови дрвја, т.н. Благун даб. Така почнала да се создава новата населба на разловчани- денешно Разловци.

Староседелците од околните живеалишта за занаетчиски услуги доаѓале кај разлогчани, а потоа почнале да ги напуштаат старите живеалишта и да се населуваат воновата населба. Така растела населбата, засметка на старите населби коипропаѓале. Од разлогчање постанало разловчање, а од тоа и името на населбата Разловца.Научните работници сметаат дека името на селото потекнува од топонимот Разлог што значи рамнина и навистина од сите страни оградена со планини.
Преку селото минува една улица како рибина коска од која се одделуваат повеќе мали улици. Таа улица е ΄рбетот на селото. Пред самиот центар се одделува една улица што води кон црквата и училиштето.
Во центарот на селото се наоѓа Спомен-домот на Разловечкото востание, здравствениот пункт, неколку продавници и стариот бунар сведок на многубројните настани. Сите разловечки невести тука ги носеле на вода. На ова место разловчани се одмораат, тука ја гаселе својата жед, тука се бендисувале, тука седеле турските тапиџии и полјакот Алиман, тука се создавал и растел разловечкиот непокор.
Сé до Востанието, Разловци е мала населба со тесни улички, со мали и неваросани куќи во кои огнот постојано горел.По Востанието, Разловци ќе почне да расте. Многу луѓе од Робово, Митрашинци, Владимирово, од Лаки и други села потиснати од Турците барале спас со доселување во Разловци. Тогаш со селото раководи коџобашија. Тој давал дозвола за доселување. Така во 1878 год. Разловци броело 742 жители. Тогаш имало 154 венчавки за разлика од денес, односно во 2007 г. кога се случиле само две венчавки, 5-6 кршевки, наспроти 10-15 умирачки. Во 16 век Разлошница имала 40 неженети. Денеска Разловци има над 200 неженети.
Најголемо Разловци било во 1971год. кога броело 1143 жители. Во 2002 г. се попишани 831 жител. Овој број денес е значително намален. Денешните разловчани се занимаваат со земјоделие и сточарство, но со намален број на стоката. Разловечките колиби ни од далеку не се она што беа некогаш. Тие се одлични собирачи на печурки, мов, лековити билки, но и продавачи на дрва.Во потрага за подобар живот и заработувачка многу млади заминаа на работа во Италија, Грција и во други земји. 
Иако, колибите не се полни со луѓе и стока, ги нема многубројните воденици, валевици, а го нема и познатиот разловечки ΄ржан леб, сепак, останува гордоста кон нивните предци, аманетот од Разловечкото востание, топлото гостопримство, нивниот убав соборен ден и вербата во подобро утре. 

 ФЕЉТОН 2 ДЕЛ

Во околината на Разловци има остатоци од стари цркви што укажуваат на богат црковен и просветен живот во минатото. На почетокот на Долно Поле во месноста Клинчовица се наоѓаат остатоци од црква чие име е непознато.Според топонимот се нарекува црква на Кличовица. Кај монополската зграда во Рајанец се наоѓаат остатоците од малата црква „Св. Богородица“ која била оштетена од земјотресот во 1904 г. каде и денеска разловчани палат свеќи. Под неа има Света водичка. Во Селиште видливи се остатоците од црквата „Св. Илија“, каде разловчани до неодамна давале курбан на Илинден. Во Горно Поле кај Грамадите или Старото село била црквата „Св. Никола“. Таа имала долг и богат црковен живот. Сè до изградбата на новата црква разловчани го празнувале како ден на селото Свети Никола. 

Motives from village of Razlovci

 

Често се случувало да не се одржи службата поради студеното време и големиот снег, како и оддалеченоста. Кај тогашниот свештеник поп Стојан викан Гушлоскиот поп ( затоа што неговата сестра Злата и братот Стоил имале гуша), се родила мислата за изградба на нова и поголема црква во селото. Идејата ја поддржале неговиот соселанец Цоне Спасев- Ингилизот, неговиот зет Стоил Ѓоргов како и Стоил Ковач од Ковачовци. Тие се обврзале материјално да ја помагаат изградбата. Како ктитори, нивните ликови се овековечени на фреските што се наоѓаат на западната страна од црквата до самиот влез.
Откако за локација на црквата била обезбедена нивата од Манчовци, во 1850 год. На општо задовоство на сите во селото започната изградбата на црквата.Турците уште на самиот почеток ја стопирале изградбата под изговор дека тука немало стара црква и не може да се гради нова. По извесно време, разловчани се досетиле и го зеле камениот крст од црквата „Св. Никола“ и го закопале во нивата, па пролетта пак почнале да градат. Турците повторно се обиделе да ја забранат изградбата, но разловчани се спротивставиле и одговориле : „Нашите стари велат дека тука имало стара црква. Ќе копаме и ако го најдеме камениот крст ќе градиме.“ Така и направиле. Го пронашле претходно закопаниот крст, па така градбата била дозволена. Во изградбата на новата црква учествувале сите што биле способни за работа. Мажите носеле камења, а жените во футите носеле песок. Најдобриот гајдаџија одел со нив свирејќи со својата гајда. Изградбата траела скоро 10 години. На иконата „Св. Константин и Елена“ ( подарена од Константин и Никола, син и внук на поп Стојан) стои натпис „ 10 декември 1850 год.“ Фрескоживописот го работел Василие Зограф од Струмица. На иконата на „Св. Богородица“ стои годината 1869.
Новата црква го добила името „Св. Константин и Елена“. Разловчани ја викаат „Цар Костадин и царица Елена“. Рамот на црквата постанал соборен ден, а во знак на стариот собор, разловчани го викаат Летен Никулден. Но, сепак, полека растел угледот на новата црква за сметка на старата.
Во Разловци има повеќе фамилијарни попски родови. Анџии, Ѓорговци, Ковачовци, Џаџовци, Сумраци. Сепак, најстар е родот Поповци од поколението на поп Стојан во кој и денеска се одржува семејната традиција. Покрај црковната, свештениците се занимавале и со световна- просветна и револуционерна работа. Тие ја пренесувале писменоста на своите најблиски во родот оспосбувајќи ги за идни свештеници.
Поради честите потурчувања, за спас на убавите девојки и невести била изградена калуѓерска зграда во која извесно време живеат неколку калуѓерки од Разловци и околината.
Во 1870 г. во малата калуѓерска зграда било отворено првото училиште во Разловци. Прв учител бил Дедо Костадин Спасевски- Даскало (1846-1941) г.). Така почнало и организирано да се шири просветата. И во своите постари години Дедо Костадин во својот дом ги учел младите да читаат, пишуваат, но и да пеат оспособувајќи ги за пејачи и идни свештеници.Неговото дело ќе го продолжи синот Теодосија- Даскало и неговата внука Перса спасевска (ќерка на Теодосија), првата учителка од Разловци.

Со изгрдабата на новата црква и отворањето на првото училиште, разловчани имале можност почесто да слегуваат од колибите, да се дружат и да разговараат за своите маки и тешкотии. Полека растел угледот на црквата и просветата, зреела националната свест и рзловечкиот непокор. Сè повидливо било незадоволството од турските власти и нивните постапки. Поради многубројните давачки и честите делења на тапиите, тешко се врзувало крај со крај.
Во 70-те години од 19 век, Разловци е село со 100-ина мали и неваросани куќи. Најголемиот дел од населението од рана пролет до доцна есен живеело на колибите чувајќи ја стоката и обработувајќи ја земјата. Немало пристапни патишта и било одделено од другите населби, но и со слаба посета од турските власти.
Единствено олицетворение на турската власт во селото бил полјакот Алиман. Сам си црпел жито од селските амбари за да ја зоба својата сива атица. Од дрвената кула го набљудувал Горно и Долно Поле сметајќи се за апсолутен господар. Ги пречекувал и испраќал турските заптии, спахии и тапиџии, обебедувајќи им конак и добро гоштевање кај побогатите селани и кај коџобашијата, кој тогаш како поимотен селанец управувал со селото.
За потребите на турските бегови Алиман учествувал во бирање на девојките кои треба да се потурчат- предавајќи им ги на заптиите кои пак ги носеле кај беговите и пашите. Тој почнал и сам да се насладува, безчестејќи ги најубавите девојки и млади невести. Зачестиле крштевањата на деца чиј татко бил Алиман. Му се згнасило на поп Стојан од таквите крштевки, па му рекол: „Доста Алимане крштевах твои деца. Откажи се од таа работа!“
Алиман му одговорил:„Ќе се откажа кога ќе крстиш од штерка ти и снаа ти!“
Се влошиле односите помеѓу поп Стојан и Алиман.
Друг пат поп Стојан се враќал од росење, а Алиман седел на бунарот. Станал и со потсмев рекол:„Оди попе и мене да ме росиш сос таа китка по газо!“
 Поп Стојан му одговорил:„Имам ја поубава ќитка за тебе сос која ќе те роса еден ден. Заповни. На ниедно буниште не појат два петла. Слушај Алимане, еден ден това, гулемо ќе стане!“

ФЕЉТОН 3 ДЕЛ
Во средината на 60-тите години на 19 в. Османлиската држава се наоѓала во тешка економска и внатрешно-политичка криза. Ослободителните движења на покорените народи прераснувале во масовни востанија. Под притисок на големите европски држави, Турција морала да воведе некои внатрешни реформи.Покрај големите заслуги со кредити, најголем и најсигурен извор на средства биле покорените народи. Една од можностите за собирање на пари било делењето на нови тапии. Тоа ја отежнувало и онака тешката положба на сиромашниот народ. Постоеле и голем број на неправилности во оданочувањата, во собирањето на десетокот и др. давачки. Најголем срам, не само за разловчани туку и за другите населени маеста, било обесчестувањето на македонските девојки и невести од страна на Турците. Не биле ретки случаите поимотните и побогати Турци од пијанечките села покрај жена Турчинка, да имаат и жена Македонка. Родителите сакале да ги заштитат своите ќерки од обесчестување и потурчување. Често ги мажеле многу млади и за најсиромашните момчиња или ги носеле во манастир за калуѓерки.
Во Разловци зачестиле раѓањата на деца чиј татко бил насилникот Алиман. По примерот на богатите и тој се насладувал од разловечките девојки и млади невести. И покрај предупредувањата од поп Стојан, тој не се откажувал. Чашата на трпеливост прелеала кога Алиман ја обесчестил неговата роднина Петра. Таа родила машко дете. Го крстиле скришно в црква по име Никола. Детето било одземено од мајката и било наредено да се убие.
Во тој период во Разловци пристигнува Димитар Поп Ѓеоргиев- Беровски, кој 1865г. се враќа од Белград во родното Берово, исполнет со револуционерен дух и решителност. Најпрво учителствува во Берово, а наскоро поради својот стекнат авторитет бил избран за народен претставник на Малешевци во турското собрание и одговорен за просветните и црковните прашања во Малешевско.
Поради својата нова должност, тој почнал често да го посетува селото Разловци, па со тоа и домот на поп Стојан. Во него ја пронашол личноста која може да му помогне и материјално и морално во остварувањето на неговите идеи за вооружена борба за ослободување.
Поп Стојан во лицето на младиот Димитар видел напредно момче и со радост се согласил да му биде зет. Така 1867г. Беровски се оженува со најмалата ќерка на поп Стојан, Марија.
 Разловци со својата географска положба претставува природен центар на Пијанец, Малеш и Виница. Во тоа време без пристапни патишта, одделено од погледите на турските власти од една страна и изобилството од храна по колибите од друга, биле основните одлики Беровски да се одлучи востанието да се подготвува и да започне во Разловци.
Во 1875г. Беровски во Солун се запознава со подготвува со подготовките на Босанско-херцеговското востание. Тука тој одлучил да ги напушти црковно-просветните прашања и да се определи за револуционерна работа, да подготви востание за ослободување на Пијанец и на Малеш и со негово проширување и низ Виничко, Радовишко, Мелничко да се прошири низ цела Македонија. Го повикал поп Стојан во Солун каде му ја соопшти својата намера. Поп Стојан се согласил да му помогне, а Димитар го ополномоштува својот дедо да го продаде сиот неговиот имот во Берово и со парите да купи оружје.
Исто така, Беровски за реализацијата на идејата ќе го вклучи и својот пријател Костадин Карчовски-Коте од Берово. Кругот на истомисленици почнува да се шири. Со тоа, всушност, започнуваат подготовките на Востанието.
По враќањето од Солун, поп Стојан ќе го запознае својот најдобар пријател дедо Цоне Спасев-Ингилизот, голем претставник на разловчани пред турските власти, а подоцна и неговиое зет за сестра, Стоил Ѓоргов, и зетот за ќерка Ѓорѓија Терзиски - Чорбаџијата. Така тие заедно со поп Стојан ќе го сочинуваат МТК(Месниот таен комитет) во Разловци. МТК имал за задача да обезбеди нови истомисленици, да се најде место за чување на оружјето, а селото да биде ослободено од турските посети. Поп Стојан се обврзал дека ќе го откупи десетокот за целото село и за тоа јамчел со својот син Костадин дека нема да го напушта Разловци.
Набргу за Солун ќе заминат Костадин и Коте носејќи ги парите од продадениот имот на Беровски и стоката од поп Стојан за продавање.
Во Солун, Беровски го формира ТМРК(Тајниот македонски револуционерен комитет) во кој покрај неговите браќа Коста, поп Иван и Алекса, влегле и Стојан Цоцов, Гоге Широков, браќата Еврови, поп ПетреСолунски, Димитар Бошков од Велес, секретар, учителот Христо Захариев и учителките, мајка и ќерка, Недела Петкова и Станислава Караиванова.
Главна задача на ТМРК била ширење на организацијата, создавање на МТК, купување на оружје и негово пренесување во Разловци. Купеното оружје се испраќало по малешевските трговци во двојни буриња. Лично Беровски заедно со К.Карчов го пренесуваат првото оружје во Разловци. Во акцијата за собирање на пари за оружје се вклучува и црквата „Св.Архангел и Михаил“ од Берово.
Долгото отсуство на Констадин од Разловци, било забележано од ќустендилските власти и веднаш бил повикан поп Стојан во Ќустендил, барајќи од него веднаш да го исплати десетокот. Таму поп Стојан се позајмил 800 гроша и се вратил во Разловци да ја продолжи работата.
Во почетокот на 1876 год. поп Стојан на Калаџерџево го свикал Првото советување- Собрание на кое било констатирано дека купеното оружје е недоволно и дека народот ќе треба сам да се снабдува со оружје.
Враќајќи се во Солун, Беровски ќе ги задолжи учителките баба Недела и Станислава, по негова идеја да го извезат знамето на Разловечкото востание.
Во април 1876 г. во Разловци пристигнува Беровски. На Калаџерџево се одржало и Второто советување на кое за водач на Востанието е избран Димитар Беровски. Договорено е по подготовките, Востанието да започне во Разловци, Беровски да го обиколи Пијанец, Малеш, Виничко, Кочанско, Струмичко, Мелничко и да ги извести штом започне Востанието за да се вклучат и тие во него.
На 7 мај 1876 во Разловци пристига Беровски. Со себе го донел и знамето на Востанието. На Калаџерџево се држи Третото Советување- Собрание каде е донесен План за Востанието.

ФЕЉТОН 4 ДЕЛ
Кога на 7 мај се одржуваше Третото собрание, ненадејно на Калџерџево од Разловци пристигнале неколку селани кои соопштиле дека во селото пристигнале турски спахии и тапиџии. Тие успеале да фатат десетина селани со цел да ги пренесат во Царево Село, сакале и да ги потурчат убавите разловечки девојки Ката Овнарска и Јана Лалевска.Рано утрото тој ден ги заробиле и браќата Нико и Стоил Поп Атанасови од Иственик кои требало да учествуваат на Советувањето на Калџерџево. Веста ги вознемирила учесниците, а посебно војводата Беровски кој се посомневал дека Турците рзбрале за подготовките на Востанието. Всушност, тоа било и поводот уште ноќта да го објават Востанието. На брза рака бил направен планот според кој требало да се фатат турските спахии и тапиџии, да се ослободат фатените селани и да се спасат двете девојки од потурчување.
Според Константин Поп Стојанов (син на поп Стојан), учесник во Востанието, востаниците веднаш испратиле курири во Берово и малешевските села со абер да се подготват за Востанието. Дванаесетмина од востаниците требало да влезат во Разловци и да се разделат на две групи. Едната група да влезе во попстојановиот ан спроти коџобашиската куќа во која биле сместени тројца од Турците, а останатите да одат во еден сенарник каде биле сместени другите Турци. Останатите востаници, според планот, требало да ги запоседнат излезите од селото кон Митрашинци и Тработивиште како и стариот мост на Брегалница.
Ноќта спроти 8-ми мај на Калаџерџево се собрале 60 востаници. Рано утрото, Турците од една куќа со врзаниот селанец од Истевник се упатиле кон куќата на Нико коџобашијата. Таму, пак, еден селанец му подавал јагне на еден Турчин за колење. Во истата минута, вели Константин, грмнаа две пушки од попстојановиот ан. На земјата паднал Турчинот Алиман, а по грешка бил застрелан и врзаниот селанец Нико. Коџобашиката Злата излегувала да му донесе вода на Турчинот да се измие од колењето на јагнето. Кога видела што се случоло, таа го викнала својот маж и му укажала на опасноста за останатите Турци.Тие им помогнале на другите Турци да избегаат преку таванот на куќата и ги упатиле кон Брегалница. Кога виделе дека мостот е запоседнат од востаниците, иако Брегалница била голема, тие преку реката успеале да избегаат.Коџобашијата и предавникот Нико успеал да ги скрие кај баба Ордана Џабирска ранетиот злогласен полјак Алиман и тапиџијата Јусреф, а тој самиот незабележливо заминал за Истевник за да им каже на Турците што се случило во Разловци.
Востаниците се упатиле кон куќата на баба Ордана. Таа одбила да им каже каде е скривницата, па нејзината куќа била запалена. Преку пламенот се појавил спахијата Јусреф викајќи:„ Рај за чорбаџиите“ Грмнале неколку пушки и тој паднал на земја. Потоа Атанас Цинцо му ја отсекол главата, а Алиман жив изгорел заедно со куќата.
Anniversary of the Razlovci uprising 1876-18.05.2014
 
Во пламенот селаните ги фрлиле тапиите, рабушите и тефтерите со забележаните даноци.
- Селани, што сте се исплашиле? Уште 100 години да живеете, ова нема да го видите. Кога доаѓаа тие гадови бараа на плеќи да ги пренесуваме преку Брегалница. А, сега гледајте како до гуша ја газат матната река, како да одат на суво!- извикал стариот дедо Нико.
Војводата Беровски предложил да се продолжи кон Малешевијата, а за заштита на старците, жените и децата, Цоне Спасев да остане во селото со дел од востаниците. Така, дедо Цоне станал втор војвода. Но, со овој потег се ослабнале востаничките сили, што се толкува како прва грешка.
Беровски и поп Стојан качени на коњи со развиеното знаме на Востанието и со 30-40 востаници тргнале кон с. Митрашинци. Радосни и весели од успехот во Разловци. Се наближиле до куќата на поп Стоил кај кого престојувале како гости Турци кои биле дојдени да му честитаат снаа. Востаниците ја заобиколиле куќата и барале Турците да го предадат оружјето. Пријателите на поп Стоил, Осман Каднков и Дервиш Алија не го предале оружјето. Поради што востаниците носат куп слама наредувајќи му на сопственикот сам да си ја запали куќата. Кога се појавил пламенот еден од Турците побегнал од спротивниот излез, но бил смртно погоден, а другиот го искористил густиот чад за да побегне. Забележан бил тешко ранет, а подоцна убиен во полето од некој селанец.
Пожарот бил забележан од 10-ина заптии кои биле во митрашинското поле, кои со помош на еден селанец биле нападнати востаниците од зад грб. Во тој судир, Беровски бил ранет в глава, а востаниците на Цоне Спасев не дошле од Разловци да се соединат и да продолжат кон Малеш. Тоа ги натерало да се вратат во Разловци.
Изнемоштеното население го нашле во пазувите на Голак и Ѓаволовиот Дол. Премрзнати жени, деца, старци и стока. Од нив разбрале дека уште истиот ден на 20-ти мај, Разловци било нападнато од башибозукот на околните пијанечки села. Во оваа пресметка загинале 10 мажи и две жени. Црковната врата била разбиена, а црквата ограбена. Дедо Ристо Коџов клечејќи ги молел Турците за милост кон селото. Тие го заклале на мостот и го фрлиле во реката. Нико Коџобашијата и Стојан Кацарина кои ги повикале Турците од Истевник за таа своја услига и двајцата биле искасапени.По ова востаниците со Беровски заминуваат за Кочанско. Поради настанот во Митрашинци и повторното враќање во Разловци се променил планот за во с. Лаки, с.Смиленци, и Малешевско. Доцнењето на Беровски ги натерало насобраните востаници да се растурат. Од сите страни почнал да се стега обрачот кон Разловци, од Мелник, Струмица, Радовиш, а од Ќустендил со голем табур тргнал Ќел Асан паша заедно со стотина гладни башибозуци.
Семејството на поп Стојан е заробено, а поп Стојан се засолнил во Рилскиот манастир. Таму од страв дека Турците ќе го запалат манастирот, тој бил убиен од манастирската стража.Турците немале милост ни за оние кои се предавале. Така, Атанас Цинцо и Ѓорѓи Самарџијата биле горени со жешко железо. Се полнеле затворите во Ќустендил, Солун, Пехчево, Куршумли Ан и др. Четата на Беровски се повлекла во Малешевските планини од каде заминала за Разлошко.
Во Разловци останува дедо Цоне Спасев заедно со своите соселани. Тој ќе живее до 1908 г. кога за време на хуриетот е убиен од Турците над Мицовци, кај осамената трновка која и денеска постои. Погребан е во дворот на црквата од нејзината јужна страна. Рзаловечкото востание е нашата историска гордост - првата цврста алка од големиот синџир на ослободителни движења на Македонија.
 
Димитар Узунски
 
Крај

Наши пријатели

loading...

Историја и традиција

Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна