Сума:
loading...

Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

Општина Делчево

Вирче

Сл. 01. „Прекинато Градиште”, Вирче, доцноантичка гранична стража. Користена е и во доцниот среден век Сл. 02. „Прекинато Градиште”, Вирче, монети од 13. век

 Крајпатна стража. Сл. 01, 02.

Местоположба. „Прекинато Градиште” се вика 50-85 м високиот рид 2 км источно од Вирче (930 м н.м.), високо на падините на Влаина. Ридот е тесен и долг, озгора зарамнет, а страните му паѓаат стрмно во поројни долинки. Покрај него води стара патека кон планинскиот срт, оддалечен 1 км источно и преку него се слегува во долината на Струма (денес Бугарија). Тој премин бил користен интензивно во минатото.

Најстари остатоци. Во доцноантичко време на ридот бил изграден силен пограничен кастел, голем 1,2 ха. Челото му било зајакнато со издадена кула, а јужниот ѕид е удвоен — тоа се трагите од големо обновување во 6. век. Во внатрешноста се гледаат основи на бројни градби. Наоди: монети од доцниот 4. и 6. век, керамика. Една базилика (6. век) лежи делумно раскопана пред челото на крепоста. Кастелот ги контролирал граничните премини од провинцијата Македонија II кон Средоземна Дакија.

Средновековни остатоци. Во средишниот дел на кастелот лежат парчиња од средновековна керамика, а најдени се монети — бакарни скифати од 13. век (бугарски имитации на Манојло I).

Стратешката положба на оваа крепост обусловила истата да биде користена и во зрелиот среден век, како контролен пункт на еден од планинските премини помеѓу долината на Струма и сливот на Брегалница. Траги од обновувања на обѕидието во среден век нема. Веројатно крепоста била користена само одвреме-навреме, во кризните воени времиња, можеби од Самуил и Византија, а секако и од Бугарите.

Драмче (Бигла)

Сл. 03. „Градиште”, Драмче, соцноантичка русничка тврдина, користена и во сресниот век. Реконструкција

Сл. 04. „Градиште”, Драмче, наоди; 11.—13. век

Крајпатна и рудничка стража. Сл. 03, 04.

Лит.: А. Керамитчиев 1969, 229; — И. Микулчиќ TIR, 47.

Местоположба. „Градиште” се вика тесен рид со многу стрмни страни во свијокот на Брегалница, 70 м високо над реката и во најтесниот дел на речниот теснец. Лежи 3 км југоисточно од Драмче и 3 км североисточно од Бигла. Брегалничкиот пат (античкиот Астибос — Скаптопара, денес Штип — Делчево ) врти околу подножјето на Градиште и од ридот се гледа повеќе километри на запад и на исток.

Најстари остатоци. На повисоќиот, јужен дел од ридот лежат извонредно добро запазени остатоци од рановизантиска крепост. Обѕидието затвора правоаголен простор со димензии 154 х 53/30 м (0,6 ха), а било зајакнато со масивни правоаголни и петоаголни кули. Се гледаат траги од големо обновување на источниот ѕид. Јадрото на кастелот било густо исполнето со градби во 3 реда, во правецот С-Ј, со две тесни улички. На највисоката позиција стоела ранохристијанска базилика. 40 м јужно од крепоста се протега одбранбен ров што напречно го сече целиот рид. Наоди: повеќе монети од доцниот 4. до раниот 7. век, бројни парчиња од ковано железо (клинци, окови, ножови, врвови од стрели, различни алатки) и железна згура, која зборува за преработување на железото на ова место. Стари рудници на железо лежат на падините 2—3 км југоисточно и јужно оттука.

Средновековни остатоци. Тврдината била извонредно добро запазена во средниот век (како и денес) и со минимални поправки била користена и тогаш. Денешниот степен на запазеноста на внатрешните градби наведува на заклучок дека тие биле обновени во зрелиот или доцниот среден век. Движни наоди: парчиња од средновековна грнчарија, железни врвови од стрели за пробивање панцир (12.—13. век), специфични алатки, еден бакарен прстен (10.—12. век), монета — бакарен скифат од 13. век (бугарска имитација).

Градот Бигла функционирал како крајпатна стража во теснецот на Брегалница и за заштита на рудниците, кои очигледно биле обновени во среден век.

Ѕвегор

Сл. 05. „Долно Градиште”, Звегор, античка крајпатна стража, обновена во средниот век („град Звегор”) Сл. 06. „Долно Градиште”, Звегор, наоди, 12.—13. век

Крајпатна стража. Сл. 05, 06.

Лит.: И. Микулчиќ TIR, 138.

Местоположба. „Мало (Долно) Градиште” се вика 50—80 м високиот рид со стрмни падини на источниот раб на долината на Брегалница, на југоисточната периферија на Звегор, во подножјето на Влаина (790 м н.м.). Покрај него Брегалничкиот пат (антички Астибос — Скаптопара, денес Делчево — Благоевград) се искачува кон планинскиот премин Калеово на сртот на Влаина и слегува во долината на Струма. Кај Малото Градиште од овој пат

Средновековни остатоци.

Меѓу површинските наоди регистриравме парчиња од средновековна грнчарија и бакарни монети — скифати од 13. век (бугарски имитации на Мануил I).

Судејќи според денешните остатоци, крепоста била добро запазена и во средниот век и користена како крајпатна стража на многу значајниот планински премин на Влаина од Струма кон сливот на Брегалница. Според народното предание тука стоел градот Звегор.

Луковица

Сл. 07. „Калата”, Луковица, доцноантички рударски град Армонија? Обновен е како град Луковица

Сл. 08. „Калата”, Луковица, наоди од 9.—12. век

Град Луковица, регионално средиште. Сл. 07—08.

Лит.: И. Микулчиќ 1972, 161—171; истиот 1977, 181—191; истиот 1986, 241.

Местоположба. Месноста „Калата” е јужниот крај на еден долг и тесен рид над устието на Каменичка Река во Брегалница. Висок е 70 м (520 м н.м.) и рекиве природно го бранат од три страни. Лежи 3 км југозападно од Луковица. Во јужното подножје поминувал стариот Брегалнички пат (Астибос — Скаптопара). Денешниот автопат Штип — Делчево е префрлен на другиот брег на Каменичка река поради изградбата на браната и Калиманското езеро, во кое денес Калата одвај се извишува како тесен полуостров.

Најстари остатоци. Во римско време на Калата бил изграден кастел за заштита на рудниците околу Моштица и Саса, во горното течение на Каменичка Река и 10-16 км северно оттука (железо, олово-сребро). Доцноримска керамика, ситни бронзени производи и монети од средината на 3. до доцниот 4. век најдени се на Калата.

Во рановизантиско време (5.- 6. век) околу Калата било подигнато ново обѕидие, потпрено врз остатоците од римското. Пред северниот крај (челото) бил просечен одбранбен ров, а пред него бил изграден предѕид, кој продолжува низ падината на исток долу до Брегалница, и го обградува подградието. Ова се раширило на југоисточната тераса, опфатена со реката. Околу 1 км посеверно лежат урнатините од една мала крепост - стража, која го контролирала главниот и најлесниот пристап до Калата. Целиот укрепен простор мерел 5,3 ха. Гробишта со стари цркви од 5.—6. век се откриени на 4. места: пред челото на Калата, потоа на левиот брег на Брегалница („Лака”), на падината во јужното подножје на Калата и на месноста „Бегов Даб” на десниот брег на Брегалница, 0,5 км низводно од устието на Каменичка Река. Една голема базилика стоела и во северниот дел на Калата.

Средновековни остатоци. На просторот на Горниот град се среќаваат парчиња од средновековна грнчарија и црепни, а најдени се бројни ситни предмети од тоа време, исковани од железо: врвови од стрели со средновековни форми, ножови, алатки, окови за покуќнина; бројни монети: бугарски и латински имитации на Мануил I (13. век); Јован Асен II; Теодор I од Никеја. Сето ова укажува на економската моќ на жителите на Калата.

Од зрелото средновековие потекнуваат и делови на обѕидието без малтер потпрени на постарите делови, меѓутоа и малтерни партии. На терасата Бегов Даб покрај црквата од 6. век откопавме старословенски

Сл. 58. „Калата”, Луковица, монети од 12.—13. век

 

гробови со богати дарови од 9.—10. век. Тие несомнено им припаѓале на жителите на Калата и го означуваат почетокот на животот на словенскиот град. Обновените рудници северно оттука (и денес експлоатирани како Рудници Саса — Каменица) претставувале економска основа на оваа населба, а нејзината позиција на Брегалничкиот пат и давале стратешко значење во комуникацијата од долината на Струма кон Брегалница и Повардарието (на Византија, Самуил, Бугарите).

Во повелбата на Василиј II од 1019 г. во рамките на Морозвишката епископија е наведена и црковната општина (енорија) Луковица (покрај Козјак, Славиште, Злетово, Пијанец, Малешево и самиот Морозвизд). Ако ги разграничиме овие жупи на терен, ни останува непокриено Источното Осогово кое е несомнено идентично со стара Луковица. Луковица постои и денес како село, поместено на само 3 км североисточно од Калата и истото несомено ја продолжува традицијата на средновековниот „град” со исто име. Хипотезата на Т. Томоски (1978, 99) дека оваа Луковица треба да се бара во долината на Лакавица (денес општините Радовиш и Струмица, со средиштето во Конче) нема основа, бидејќи географски е премногу оддалечено од Морозвизд, а Конче спаѓало под Струмичката епископија.

Текстот и графичките материјали во оваа статија се превземени од сл. линк тука. 

Наши пријатели

loading...

Историја и традиција

Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна