Кошаркарките на ЖКК „Клубски“ во рамки на 12 коло од првата женска кошаркарска лига денес го угостија освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Вардар од Скопје, екипа која воедно е и моментален лидер на првенствената табела.

Во натпревар во кој победникот однапред беше познат екипата од Делчево загуби со убедливи 34 : 92.  Домашната екипа можеше да забележи подобар резултат, но импресионираноста од името на противникот си го стори своето, па така делчевки не успеаа во намерата да заблежат најмалку пристоен пораз. За тренерот на екипата Љупчо Петровски - Клубски, иако ова е бледо издание на екипата на резултатски план, сепак е искуство кое ќе им послужи како пример на младите кошаркарки како треба да се игра во нивните понатамошни натпревари.

-Уште еден натпревар во кој победникот се знаеше однапред, сепак ние не се предадовме и одигравме во рамки на нашите можности, иако бевме далеку да направиме нешто повеќе, сепак им честитам на гостите за победата и на своите кошаркарки за прикажаната игра и верувам дека со секој нов натпревар сме се поблиску до целта, а тоа е одигрување на што повеќе квалитетни натпревари кои ќе значат нови искуства за нашиот понатамошен пат во првата кошаркарска лига на Македонија, рече по крајот на натпреварот, тренерот на ЖКК „Клубски“ Љупчо Петровски.

Што се однесува до најистакнатиот поединец во таборот на делчевки, најуспешна се покажа Георгина Витановска која со одличните скокови доминираше под кошевите. На денешниот натпревар со своето присуство екипата ја угости и поранешниот градоначалник Горан Малешевски, човекот во чие време екипата ги бележи своите најдобри резултати.

Инаку, што се однесува до следниот настап,  екипата од Делчево во рамки на 13 коло ќе се сретне со екипата на ЖКК „Струга 2009“.