Младите од населбата „Милково Брдо“ со палење смреков оган ја продолжија традицијата во чест на празникот „Прочка“ или „Велики Поклади“. По претходно организирана акција заедно со своите дедовци тие го запалија смрековиот куп висок неколку метри и на тој начин како што велат постарите го истеруваа злото од претходната година.

 

-Оваа традиција останала од постаро време, нам постарите ни кажуваа дека оганот се пали да се истера злото од старата година, да се влезе со чисто во новата година, така сме слушале од постарите, така им пренесуваме на внуците, вели Петре Петровски, жител на населбата Милково Брдо.

Младите кои смрека обезбедија од околината на месноста Острец се сигурни дека нивниот куп годинава е меѓу највисоките во Делчевско.

-Смреката ја набравме од местото викано Острец. За сечењето се организиравме сами, а за редењето и натоварувањето ни помогнаа повозрасните, истакна Ненад Спасев, еден од помладите жители на Милково Брдо.

-Се пали смрека во чест на празникот Прочка, имаме 7-8 трактори смрека, а ни помагаа сите од мааалото, рече младиот Дени Илиевски.

-После палењето на огнот ја скокаме смреката и велиме: - „На ти дедо гламната да ни дадеш момата“, рече Леонид Петровски, кој не го заборавил адетот од дедовците.

-Немаме конкуренција годинава, нашиот смреков оган е најголем, рече средношколецот Андреј Ѓорѓиевски.

За што подобра организација и достојно одбележување на „Прочка“ за присутните беше подготвена и трпеза со домашна баница, топла и ладна ракија, варени јајца и други намирници подготвени од вредните раце на домаќинките.

-Имаме подготвено трпеза, топла и ладна ракија за посетителите, имаме донација од варени јајца и сендвичи, домаќинките приготвија баница, се што е потребно е обезбедено така што секој е добредојден да присуствува бидејки таков е адетот за Прочка, да си простиме сите, истакна Спаско Спасев по потекло од с.Град, инаку долги години жител на населба Милково Брдо.

Изговарајки ги зборовите „Прости ми“, а притоа добивајки одговор „Простено нека е и од мене и од Бога“, помладите во текот на цела недела одеа кај постарите барајки прошка за грешките од изминатата година. Инаку, како дел од старата традиција за „Прочка“,смреков оган се палеше во речиси сите населби и села во Делчевско.

 

 

Најчитано: Флеш- Култура

No result.
loading...

Наши пријатели

Наша анкета

Какви се Вашите очекувања од 2018 година?
Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна