Сума:

Вечноста е резервирана за луѓе со големи имиња. Габаритни појави по најзначајното во животот на човечкиот род-зборот. И уште повеќе, збор запишан со голема тежина на своето значење и влијание кое го има оставено на своето современие.

Несомнено зборот на Иван Карадак е еден од најзначајнитеизнесени на светлото на денот, назад во неговиот над 4 децениски работен ангажман како автор во областа на еден од најжестоките литературни жанрови-сатирата.

Во времето на еднопартизмот во поранешна СР Македонија и воопшто во СФРЈ Југославија, покрај владеењето на Комунистичката партија, се чинеше дека само сатирата беше достојна опозиција на тогашниот широкораспространет државен апарат.

А во срцето на една од најсатиричните земји во Европа и пошироко (Македонија) Иван Карадак со својот авторски габарит беше еден од најреспектираните и највлијателните. Неговиот работен опус отелотворен најмногу преку познатата и јавно призната радио емисија "Хихирику" е само врв на острилото со кое авторот ги раскинуваше сите попатни јазли во Македонското секојдневие на општествен поредок и аномалии кои се својствени за сите современи општества.

Неговиот збор пренесен најчесто преку гласот, но и не ретко, ликот на најзначајните актери своевремено во тек на годините, допираше секаде каде што не можеше да допре дури и толку распространетиот државен апарат во поранешната држава како и оној од мугрите на независната Македонска држава.

Народот се поистоветуваше со афоризмите, радио драмите и хумореските на Иван Карадак. Доволно беше во едно село да има барем еден радио приемник и во недела во 11.00 часот тој ќе беше пуштен до крај на својот звук за што подалеку да допрат мислите и зборовите на авторот.

Во едни не така дамнешни времиња цели генерации, во услови на непостоење на телевизија во најпериферните делови од државата растеа со зборовите на Карадак, кои во одредена мера ги формираат личностите и карактерите на тие луѓе.

Во името на сите нив од овој медиум сакам да се заблагодарам за сите тие часови на освестување и просветлување за се она што животот ни го има подготвено на сите нас во годините што следуваа.

Како во сон ми дојде муабетот на познатиот и признат афористичар Миле Ѓорѓијоски кој како дел од неговите бескрајно интересни идеи предложи да соработуваме со Иван Карадак за потребите на интернет порталот Делчево Глобал Онлајн. Не можев да си поверувам себеси дека слушам дека ќе соработувам со големиот Иван Карадак. Оттука како мелем на рана произлезе решението на жири комисијата да му се додели токму на Иван Карадак наградата за животно дело од областа на творештвото во рамки на Третиот меѓународен фестивал на карикатура и афоризам "Пијанец 2014" лпј што се одржа во Делчево. Наградата секако со највисока почест во општината беше доделена од страна на Градоначалникот Дарко Шехтански.

Афоризмите и воопшто творештвото на Иван Карадак засекогаш ќе остане со впечатливи букви запишани во аналите на Македонската современа литература. Но нема ниту едно признание толку големо за нечие авторско дело колку што е признанието преточено во почит од современиците на еден автор. А почитта на современиците на Иван Карадак за неговото дело не се искажува со зборови. Таа ќе живее многу после големиот сатиричар и големиот автор.

Иван Карадак почина во Скопје во недела 17.12.2017 година. 

Нека му е вечна слава.

Во чест на Иван Карадак и неговото 71-годишно битисување под Македонското жестоко сонце на постоењето, во продолжение објавуваме точно 71 афоризам произлезени од перото на авторот, засекогаш впишани помеѓу кориците на новото издание "Македонска афористична ризница" за која што ја имав честа да го подготвам дизајнот за насловната страна а изборот на афоризми го направи Миле Ѓорѓијоски .

***
И најмалата грешка на кардиналот е кардинална.
***
Во лудите времиња најдобро си живеат психијатрите!
***
Ако ова е нашиот живот од соништата, тогаш мора да сме сонувале хорор!
***
Ние сме задоволни со она што го имаме и кога немаме ништо!
***
Колку повеќе камења во политиката, толку побогат мозаик.
***
Алал да ви е господа! Вашето недело е вистинско ремек дело!
***
Роден си за шах – коњу еден!
***
Ако ѓаволот ни ора ни копа, сто посто е – политичар!
***
Да не мижевме ние, тие никогаш немаше да – прогледаат!
***
Атомите можеш да ги делиш до крај. Македонците до – бескрај!
***
Колку поголеми дрва околу вас, толку подебела – ладовина!
***
Го пречекори рокот за размислување. Му помина животот.
***
Замислете кај ќе ни беше крајот, да не бевме на почетокот.
***
Послушајте патриоти, не бирајте - идиоти.
***
И на кое поле да работи, волот си останува - вол.
***
Од толку многу илузионисти ни останаа само илузиите.
***
Тие го закопаа, а тој мртов ладен.
***
Кај што е џунгла, највисоко се качуваат мајмуните.
***
Народе не потклекнувај! Ќе те – јавнат!
***
Господа, хигиената е половина здравје – чистете се!
***
Проблемот е во тоа, што кај нас сè е – проблем.
***
Конечно ни го кренаа стандардот. На – носила!
***
Кај нас законот одамна е излезен од рамките на - законот!
***
Правдата најретко престојува во палатата на правдата!
***
За некои најубаво време е кога е ветер и магла!
***
Будно ги следиме нашите лидери. Да не ни – избегаат!
***
Дајте ми микроскот. Сакам да си го видам – стандардот!
***
Тешко историја во држава во која секој ден е - историски!
***
Кога народот вели дека е сит од сè значи дека е – гладен!
***
Живеам во тешка илегала. Никој не знае дека – постојам!
***
Македонска музичка клaсика: свирење на цревата!
***
Македонија е библиска земја. Сите го чекаме спасителот!
***
Најмногу од себе кај нас даваат оние кои немаат ништо!
***
Ни го олеснија животот. До последната пара!
***
Со брзина на светлината, отидовме во - темнината!
***
На мала врата кај нас влегуваат само големите!
***
И пендрекот е продолжена рака на – политиката!
***
Напред народе! Кон славното – минато!
***
Го поништија конкурсот. Не бил наместен!
***
Секоја еволуција си има свои – мајмуни!
***
Не отворајте се! Ќе ве - затворат!
***
Тамам сиромав дојде до збор, го фатија – на дело!
***
Збогум сиромаштијо, отидов јас во питачи!
***
Ние до целта брзо стигнуваме, само кога - бегаме!
***
Смрт или слобода? Дај што ќе дадеш!
***
Ништо не ме пере – чист сум!
***
Срцето попусто чука. Никој не му отвора!
***
Гласот на народот најдалеку се слуша кога - молчи!
***
Колку повеќе светци, толку поголемо – крстење!
***
Во некои богови не веруваат дури ни нивните – апостоли!
***
Народи со многу историја имаат малку - географија!
***
Светот ќе беше сто пати почовечен, да не беа луѓето!
***
Да живеат – пиперките. И ние некого да – излупиме!
***
Футуристичка слика на светот – мртва природа!
***
Секое место каде што се продава човекот, е – бордел!
***
Тие што нè продадоа, сега имаат пари да нè - купат!
***
Народот отсекогаш барал – Божја правда.Значи, овде никогаш не функционирала – правната држава!
***
На каква позиција и да го поставиш, кловнот ќе направи – циркус!
***
Најголем хендикеп за некои деца е, што се слика и прилика на своите - родители
***
Ако дивјаците сонувале за живот каков што живееме ние, тогаш навистина биле – дивјаци!
***
Никој веќе не прашува како живее народот. Не сакаат да му влегуваат во – интимата!
***
Не прашувајте ме дали сум жив. Немам никакво алиби!
***
Крај олку криминалци на слобода, денес е побезбедно да лежиш в затвор!
***
Едни кај нас крадат за да живеат,а други живеат за да– крадат!
***
Најмногу песни за сонцетосе испеани во – мрачните времиња!
***
Ми се оствари сонот за евтин живот. Сега мојот живот чини–  пет пари!
***
Од сите грешки што ги направил човекот, најголема му е – човекот!
***
Уште од почетокот на светот, човекот прави сè,  да дојде - крајот на светот!
***
Најскапо нè чинат оние политичари, кои пет пари не вредат!
***
Да немавме толку многу водачи, одамна ќе стигневме на целта!
***
Најмногу македонски патриоти за својата татковина гинат пред – микрофоните!

 

ИН МЕМОРИАМ

ИВАН КАРАДАК

1946 (Охрид)-2017 (Скопје)

karadaki


 

Најчитано: Флеш- Граѓани

loading...
loading...

Наши пријатели

Наша анкета

Какви се Вашите очекувања од 2018 година?

 


 

Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна