Сума:
loading...

Познато е дека знаењето е богатство, а во древниот свет тоа се чувало подобро од златото. Огромните библиотеки на древните цивилизации се доказ дека сите богатства во светот изгледаат бледо во споредба со знаењето. На оваа листа ќе ги пронајдете најневеројатните библиотеки кои многу често биле мета на напад во војните. Ова се библиотеките кои го оформиле светот во кој живееме денес.

 1. Куќата на мудроста

Нарекувана и Колепка на цивилизацијата, древната Месопотамија (денешен Ирак) некогаш била центар за учење. Покрај Грција, Египет и Рим, Месопотамија имала една од најголемите институции за учење која била изградена во 9-тиот век во Багдад. Оваа институција била позната како Куќа на мудроста и содржела литература од Персија, Грција и Индија. Исто така овде имало и дела од областа на математиката, филозофијата, медицината и астрономијата. Куќата на мудроста била центар на исламскиот интелект и знаење стотици години, сè додека не била уништена од Монголите во 1258 година. Многу од вредните книги биле фрлени во реката Тигар, а легендата вели дека реката се обоила црна поради мастилото од книгите.

2. Библиотеките близначки на Трајан

Древните Римјани собирале секакви записи што вклучувале сè од математика до филозофија. Љубовта кон знаењето на еден римски император помогнала да се направат двете најголеми библиотеки од древниот свет. Околу 112-тата година, императорот Трајан направил комплекс градби во срцето на Рим. Во овој комплекс имало пазари, плоштади и храмови. Но најпознатото нешто биле двете библиотеки. Овие структури имале околу 20.000 дела на латински и грчки. Историчарите сè уште се обидуваат да откријат зошто исчезнала оваа библиотека. Според пронајдените текстови, библиотеките постоеле до 5-тиот век, што значи дека биле во употреба барем 3 векови.

3. Вилата на папирусите

Ова е една од ретките древни библиотеки кои постојат и до ден денес. Вилата е лоцирана во Италија, и ја преживеала ерупцијата на Везув во 79-тата година. Пепелта од вулканот зачувала околу 1.785 дела кои се наоѓале во библиотеката и кои биле скриени до 1752 година, кога археолозите ја пронашле библиотеката. Всушност вилата била куќа која имала импресивна приватна библиотека, колекција од бронзени статуи и неверојатна архитектура.

4. Библиотеката на Пергамум

Направена во 3-тиот век п.н.е. на територија на денешна Турција, оваа библиотека имала 200.000 свитоци на разни теми. Била сместена во храм посветен на божицата Атина и библиотеката се сметала како „соперничка“ на онаа во Александрија. Поради ривалството помеѓу двете библиотеки, Птоломејската династија од Египет го забранила увозот на папирус во Пергамум со надеж дека библиотеката ќе пропадне. Но, работите не оделе по план, па Пергамум станал најпознатиот производител на папирус.

5. Универзитетот Наланда

Универзитетот во Бахир, Индија се смета за најстариот во светот. Неговата библиотека од 9 ката ја содржи најголемата колекција на будистички текстови, покрај другите дела кои се наоѓаат во неа. Наланда имал илјадници следбеници сè додека не бил уништен во 1193 година.

6. Теолошката библиотека на Приморска Цезарејa

Пред да биде уништена во 638-тата година, оваа библиотека ја имала најголемата колекција на теолошки текстови во древниот христијански и еврејски свет. Како центар на христијанското образование, оваа библиотека содржела литература од Грција и други соседни реони. Текстовите најчесто биле историски и филозофски. За жал денес нема преживеано ниту еден свиток од оваа библиотека.

7. Библиотеката на Аристотел

Библиотеката била направена во 1-от век п.н.е. и била дел од поголем комплекс. 300 години по смртта на Аристотел еден географ бил фасциниран од неговата колекција и напишал:

„ Аристотел е првиот човек, колку што знам јас, кој има собирано книги и ги учел кралевите во Египет како да наредат една библиотека.“
По смртта на Аристотел комплексот со библиотеката добил нов сопственик кој одлучил целата колекција да биде скриена и да се чува на безбедно под земја. За жал, и покрај овој напор многу од книгите биле оштетени од влага, а останатиот дел бил купен од еден човек, Епеликон од Теос.

8. Царската библиотека во Константинопол

Оваа библиотека е завиена во мистерија. Во 357 година византискиот император Константин Втори решил да ја изгради библиотеката каде што многу од христијанските текстови ќе бидат копирани на велум, материјал кој има подолг век од папирусот. Иако Константин бил најмногу заинтересиран за религиски текстови, во библиотеката сепак се наоѓале книги и свитоци кои го засенувале знаењето на Грците и Римјаните.

9. Библиотеката во Александрија

Изградена од Птоломеј Први во 295-тата година п.н.е. оваа библиотека ја има титулата како најпрестижна и „универзална“ библиотека која ја посетувале мудреци од целиот свет. Всушност, оваа библиотека била интелектуалната круна на древниот свет. Таа имала колекција од над 500.000 свитоци на разни теми, во областите на правото, науката и математиката. Пропаѓањето на библиотеката и до денес е мистерија. Наводно таа била изгорена во 48-та година п.н.е. од Јулиј Цезар. Но многу историчари веруваат дека пожарот не ја уништил и дека постоела неколку векови по него. Без разлика како е уништена, оваа библиотека е можеби најголемото достигнување во архитектурата и академијата.

10. Библиотеката на Ашурбанипал

Позната како најстарата библиотека на светот, овој комплекс бил приватна „училница“ изградена во 7-иот век. Се наоѓала во денешен Ирак и имала околу 30.000 камени плочи со клинесто писмо. Она што е интересно е што плочите биле наредени според нивната тема. Покрај нив, овде се наоѓале и бројни литературни дела вклучувајќи го и епот „Гилгамеш“ кој е стар 4.000 години. Ашурбанипал бил познат како љубител на книги и многу од нив ги собирал додека ги освојувал туѓите територии. Денес повеќето од плочите се наоѓаат во Британскиот музеј во Лондон. Иако оваа библиотека не е толку гламурозна како онаа во Александрија, нејзината колекција го поплочила патот на историјата на клинестото писмо.

За авторот на оваа статија:
Super Admin
Author: Super AdminWebsite: http://www.reevolucioner.blogspot.comEmail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Сопственик на порталот, администратор, развој на концепт, дизајнер, фотограф, автор на текстови.
Краток опис:
Катализатор за успешна реакција на котелот наречен современие.
Други најнови статии од авторот:

Наши пријатели

loading...
Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна