Сума:
loading...

Некаде во летото 2011 година (25.07.2011 година, поточно) по некоја детерминирана игра на "случајности" за првпат мојот пат ме однесе во селото Костин дол-Македонска Каменица.

Уште на почеток би кажал дека поубав панорамски поглед од ова село во целиот регион нема! Секој кој има можност нека појде во ова Пијанечко село и нека ужива во прекрасните гео-морфолошки амбиентални обележја кои се присутни во ова поднебје како никаде на друго место.

Бидејќи бевме најавени, домаќинот на доживувањето кое ни претстоеше, веќе беше "на нога" и со насмевка и возбуда не пречека во својот двор. Ова преубаво катче кое се отвори пред мене слободно можам да кажам дека е едно уметничко ателје и уметнички перформанс на отворено.

Официјалниот дел од муабетот со Манаско го започнавме онака како што личи: со музичка увертира на ќемене.

Прашања многу малку можевме да поставиме, затоа што човекот се си кажа.

Она што беше забележливо од целиот негов муабет, беше карактеристичниот индивидуален концепт и воопшто начин на изразување на овој народен уметник. Во него се чини е собрано цел еден живот на едно мало парче дрво во ликот на неговото ќемене преку кое се надоврзуваат мноштво на приказни и асоцијации.

Страница посветена на Манаско Васевски во печатениот каталог на ќеменџии од Пијанец-регионот, "Потрага по ќеменето" во издание на ЗРА Пијанечки глас од Делчево.

 

На ќеменето на Манаско има изгравирано две букви "Аг" и една "пајажина".

Буквите го изразуваат хемискиот симбол на среброто. Затоа што ова ќемене за Манаско е навистина "Сребрено". 

Пајажината пак на ќеменето ја изразува неговата постојана желба и умисла тоа ќемене постојано да свири, да не биде оставено на некоја полица или обесено на некоја греда по луќи, за да фати пајажина туку постојано на него да се свири.

А млади за да свират на ќеменето нема ни за шега. Сите се заминати по странство-како што милува да каже Манаско.

Белата маица која што ја носи со "USA" натпис на неа... И тоа е поврзано со една негова длабока и лична симболика. Манаско смета дека стратешкото партнерство на Македонија е најблиско со американскиот народ и затоа тој како што кажува тие се единствениот народ низ историјата кој има нешто помогнато на нашиот Македонски народ.

Манаско од Костин Дол има и своја лична порака до младите: -"На младите им порачувам да си ја сакаат татковината, да си ги сакаат обичаите и да ги прифанат овие наши песни и ора. Така мош да флееме у Европа, иначе не мош да флееме со гитарите и саксафоните."

Ќеменето има магична моќ да ги лекува болните. Свет од постела сам дигал да видат и малку им поминуваа болките. Рече -леле Боже не сам 50 години слушал ќемене, и се подигне човеко на нозе. -Телото не ни е болно, на нас ни е умо болен, со длабока размисла говори овој народен деец.

За ќеменето пак вели: -"Од Пресека до Стамер, поминах ги сите ќеменџии. Сите ќеменџии со различни дименазии, кај какво е дрво имал токаво ќемене е наприл. ама бучат като стршоље у ралуп ", по што ги дефинира идеалните димензии на едно ќемене по негови мерки.

Во целата уметничка "мака" му помага и неговата "баба"-така ја нарекува сопругата, која иако не е многу стара сепак за него е баба.

Остатокот од мудроста и уметноста на Манаско од Костин Дол може да ја погледнете на сл. видео во продолжение.

Видеото е превземено од DVD изданието на ЗРА Пијанечки Глас од Делчево, во кое се прикажани сите живи кеменџии од Пијанец, посебно Делчево, посебно Македонска Каменица. Традицијата како дел од иднината, кое е објавено на youtube....

Во дворот на куќата на Манаско Васевски може да се забележат голем број на уметнички предмети од природно потекло, кои што за нивниот "стопан" секој за себе раскажува своја посебна приказна и значење 

Самите овие уметнички предмети, тоа е богатство и дух кој што без Манаско се само безлични креатури на природата. Но со фантазијата, умислата и перцепцијата на Манаско секоја од тие фигури се претвара во нешто многу повеќе!

За што станува збор и за какви предмети може да се забележи на фотографиите во продолжение, а само ќе го споменеме стариот змеј кој држи стража над Калиманско поле и ден и ноќ од дворот на Манаско во Костин дол.

Нема доволно зборови кои што можат да го опишат се она што го забележав тој далечен летен ден во сега веќе далечната 2011 година. Тој ден остана да живее во моето битие нераскинливо и да расте со некаква чудна магија и убавина.

Ова се приказни, дејанија од кои едноставно не се заборава времето поминато во прегратките на оваа наша горда и преубава земја. Приказни кои ќе се раскажуваат многу после нас, со жар и убавина на ниво на легенди и преданија.

Ова што го видов тој ден сигурно е впишано во времето за навек, низ дрвјата, грмушките и самиот воздух.

Чичко Манаско-драг пријателе, каде и да си, ти благодарам на убавината подарена тој ден.

И ќе завршам со неговите зборови: -"Македончиња каде и да сте дружете се пејте и свирете."

ozio_gallery_nano

За авторот на оваа статија:
Super Admin
Author: Super AdminWebsite: http://www.reevolucioner.blogspot.comEmail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Сопственик на порталот, администратор, развој на концепт, дизајнер, фотограф, автор на текстови.
Краток опис:
Катализатор за успешна реакција на котелот наречен современие.
Други најнови статии од авторот:

Флеш актуелности

Наши пријатели

loading...
Go to top

Потребен е LIKE на нашата фејсбук страна