Пештерата "Коњска дупка" во село Град е една од поубавите пештери во овој дел од државата.
Со постоењето на оваа пештера се поврзани голем број на легенди и преданија како и народни верувања.
Влезот на самата пештера е со голем елиптичен отвор со димензии 1,6/3.5 метри по што доаѓа поголем отвор-одаја за која се верува дека во минатото била монашка просторија во која претстојувале монаси. На самиот ѕид од одајата има траги на влага и натечен бакар. На еден од ѕидовите евидентен е лик на светец, во стоечка положба, како и православен христијански крст, вгравирани во карпата. Од оваа влезна одаја со два помали тунелски отвори, еден кон десно и еден кон лево човек може да се движи подлабоко во пештерата. Десниот тунелски отвор е со висина од околу 60-80 cm и движењето низ него на човек е можно со ползење.
Левиот тунелски отвор е со дијаметар од околу 80-тина cm и истиот е вертикален нагоре во пештерата, а движењето низ него е можно со специјална алпинистичка опрема. Не се знае за должината т.е. длабочината на двата отвори.